Стареењето е главната предиспозиција на намаленото движење. Но, денес неактивноста веќе не е само проблем на пензионерите, туку и на децата во споредба со некоја поранешна генерација. Таквиот начин на живот може да го одреди нивното здравје и развој. Логичен заклучок е затоа – дедовците и бабите да им постават одличен пример на своите внуци, заедно да поработат на здравјето и притоа добро да се забавуваат. Можности и избори има многу, а ова се петте омилени активности што не бараат многу ангажирање.

Планинарење

Планинарењето како ставка на врвот на листата можеби звучи малку преамбициозно, но тоа не значи дека веднаш со внуците мора да ги совладате врвовите. Да се планинари може и по лесни патеки во шумичките и полјаните блиску до вас. Тоа е идеална можност за уживање на свеж воздух, но и пренесување на знаењето за растителниот и животинскиот свет. Можете да разговарате за тоа како децата некогаш играле во природа, па да ги прераскажувате сопствените авантури од младоста. Сфатете го тоа како мала авантура и забавата нема да изостане. Воедно, ваквите излети може да бидат корисни ако треба да се соберат плодови за на училиште или да се изработат домашни слатки.

Возење со велосипед

Велосипедизмот не е толку напорна активност како што изгледа, само е важно да се изберат што порамни и помалку фреквентни патеки. Велосипедот е идеално средство кое вас и вашите внуци ќе ве доведе до некои дестинации во природа каде што можете да организирате мал пикник или едноставно да се одморите и да уживате во погледот и заедничкото време поминато заедно. Ако вашиот внук/а не знае да вози велосипед, кој може подобро да го научи од вас? Тоа искуство секако ќе го помни цел живот и ќе им го прераскажува на своите деца. Спомен вреден за трудот. Зарем не?

Пливање

Без разлика дали се работи за базен, река или море, речиси и да нема подобра летна активност за дедовците и бабите со внуците од пливањето. Родителите често немаат трпение да поминуваат часови во плиткото внимавајќи на децата, но затоа вие сте тука и можете да им ги покажете првите пливачки движења, а кога ќе ги совладаат, заедно да уживате во бањањето.

Читање

Освен физички активности, во време на паметни екрани, важно е да се посветите и на оние менталните, на пример, читањето. Освен што го развива мозокот, читањето нѐ воведува во свет на размислување, имагинација, емоционални и духовни сознанија кои се важни за нашата перцепција на меѓучовечките односи и за разликување на доброто и злото. На внуците можете да им помогнете во читање на омилените сликовници и романи, а опција е и да им прочитате некоја приказна пред спиење или едноставно да им послужите како публика за вежбање на читањето, по што би биле поуспешни на училиште. За развојот на имагинацијата, можете и заедно да создадете кратка приказна.

Играње друштвени игри

Сигурно се сеќавате на друштвените игри од вашето детство кое би можеле да им ги пренесете на своите внуци. Без разлика дали се работи за правење „жапчиња“ со камен, криенка, карти и слично, сигурно добро ќе се забавувате. Исто така, дозволете им на внуците да ве научат на некој модерна друштвена игра.

Автор: Јасмин Гргуриќ

Извор



912

X