Пред осум години Детлеф Унтерман (66) стана дедо. Направи посебна соба за внуката – во својата канцеларија, во својата куќа и во својот живот, посакувајќи, заедно со сопругата, од првиот ден да му бидат на располагање на детето, кога ќе биде потребно.

Според Андреа Хаген-Херпај, советничка во Германското здружение на бабици (DHV), семејната хармонија меѓу дедовците и бабите, нивните деца и внуци не се подразбира.

– Неретко младите родители се чувствуваат задушени од очекувањата на дедовците и бабите, а често мораат да ги одбиваат и нивните непосакувани совети – вели Хаген-Херпај и додава дека желбата на бабите и дедовците за активно учество во животите на нивните внуци е релативно нова појава.

– Денес луѓето стануваат баби и дедовци на просечна возраст од 55 години – вели Екарт Хамер, професор по социјална геронтологија на Протестантскиот универзитет за применета наука во германскиот Лудвигсбург. Значи, им преостануваат најмалку 20 квалитетни години за уживање со внуците и за соживот со нив.
Но, мора да бидат свесни и за тоа дека не смеат да претераат со својата грижа и мешањето во животот на младите родители, вели таа.

– Бабите и дедовците треба да размислат за тоа каква помош им е потребна на младите родители, особено во месеците по раѓањето на детето – вели Хаген-Херпај. А тоа е помош во подготвувањето на оброците, купувањето, перењето алишта, прошетка на детето во количка за да може мајката да се одмори и слично.

Германското здружение за заштита на децата (DKSB) нуди посебни курсеви наменети за баби и дедовци за да им помогне во приспособувањето на новите улоги.

Претседателот на здружението, Хајнц Хилгерс, вели дека тие подготвителни курсеви се многу барани меѓу Германците.
Неговиот совет за одржување на семејната хармонија по раѓањето на внуците е следниот: „Прашајте што му е потребно на детето и не ги задушувајте младите родители со своето постојано присуство.

Таквиот вид ненаметлива поддршка им ја дал Детлеф Унтерман на своите две ќерки. И денес тој и неговата сопруга редовно и ненаметливо се грижат за своите внуци.
Која е тајната на нивниот успех? „Им даваме поддршка, но не се мешаме во воспитувањето на децата. Нашите размислувања понекогаш се разликуваат од тие на нашите ќерки, но никогаш не би им се спротивставиле“.

– Тоа е правилен став. Бабите и дедовците треба да уживаат во нивните должности, но во никој случај не смеат да се однесуваат како сурогат-родители на своите внуци. Важно е да не се мешате во воспитувањето и да ги оставите младите родители сами да одлучуваат – смета Хајнц Хилгерс и додава дека треба да им се излезе во пресрет на родителите кога самите ќе го побараат тоа од бабите и дедовците.

– Се чини дека во тоа е најголемиот проблем. Имено, бабите често продолжуваат со својата мајчинска улога, а дедовците се обидуваат да бидат подобра верзија од себе и со внуците настојуваат да ги надоместат оние важни нешта што ги пропуштиле во односот со сопствените деца додека биле малечки. Бабите и дедовците најчесто поминуваат повеќе време со внуците отколку што поминувале време со своите деца додека биле мали, што е многу добро. Едноставно, тие имаат вишок време и можат да живеат по сосема други правила отколку нивните деца, можат да бидат поопуштени – вели Хамер.
Неговиот совет до новите баби и дедовци е: „Не ставајте ги внуците во средиштето на вашите животи во поодминати години. Ако сте чувствителни, ќе ви биде многу тешко кога повеќе нема да им требате.

Затоа, дружете се со пријателите, не запоставувајте ги своите хобија, прошетките и дружбите што ве веселат.



912

X