Дали познавате дете кое не ги обожава своите баба и дедо? Тешко. Се разбира, секогаш има исклучоци, и со причина, но бабите и дедовците се тие што го разубавуваат нашето детство, оние што се секогаш тука за да ја олеснат „строгоста“ што родителите правилно и разумно ја спроведуваат, оние што ги гледаме само одредено време и тогаш ги обожаваме најмногу на светот.

Секое дете што имало или има баба го знае олеснувањето што го носи нејзината прегратка и го знае тоа чувство кога се приближува до нејзината куќа, знаејќи дека нешто убаво ќе го дочека на масата. Не е потребно истражување за да се потврди фактот дека присуството на бабата лекува. Но, едно истражување понудува статистички докази дека бабите им помагаат на внуците да ги надминат животните тешкотии.

Како нè штитат бабите?

Истражувачите од Универзитетот „Турку“ во Финска ги проучувале податоците собрани во анкета од 2007 година, спроведена на повеќе од 1.500 млади Англичани и Велшани, на возраст од 11 до 16 години, и тоа само оние што не живееле со своите баба и дедо, или имале барем еден жив дедо или баба. Ова истражување вклучувало прашалник за однесувањето, за да се измерат емоционалните и бихевиоралните проблеми на младите.

-Нашето главно откритие беше дека вложувањето од страна на бабите од мајчината страна може да ги заштити децата од негативното влијание на повеќекратните негативни искуства во раните животни периоди. Несаканите искуства од детството, во овој случај, се однесуваат на трауматски настани или тешки околности што се случиле на возраст од 0 до 17 години. Ова може да вклучува злоупотреба, занемарување, сведочење на насилство, живеење со родител кој злоупотребува супстанции или живеење во сиромаштија… Иако, се разбира, не секоја личност која имала лошо искуство во детството ќе има проблеми подоцна во животот, тие се со поголема веројатност тоа да им се случи – и оваа веројатност се зголемува со секоја дополнителна траума – изјавил водечкиот истражувач Самули Хеле.

-Во детството, овие искуства можат да го променат развојот на мозокот и да влијаат врз одговорот на телото на стрес, негативно да влијаат врз нивната способност да развиваат здрави врски, да влијаат врз нивната способност да обрнат внимание, да учат и да донесуваат одлуки и да доведат до лошо ментално здравје – објаснила Витни Раглин Бигнал, помошник-клинички директор на Фондација за ментално здравје на децата.

Во зрелоста, таквата личност има поголема веројатност да доживее проблеми со менталното здравје, како и проблеми со зависност и хронични физички здравствени проблеми, како што се дијабетес, астма и рак.

Бабата ублажува сè

Ако некој успее да спречи негативни искуства од детството или на некој начин да го ублажи нивниот ефект, тоа може да има позитивно влијание врз личноста подоцна во животот. А голема улога во тоа имаат токму бабите. Децата што имале неповолни искуства од детството имале помала веројатност да ги покажат негативните ефекти од тие искуства додека растеле доколку во нивниот живот постоела баба од мајчина страна која им нудела поддршка – доколку таа се грижела за нив или давала финансиска помош или слично.

Секако, интересно е што истражувачите откриле оти само бабите од страната на мајката го имаат овој „заштитен“ ефект, а не и другите баби и дедовци. Истражувачите се согласуваат дека ова откритие е очекувано и е во согласност со еволутивната теорија позната како хипотеза за баба, која вели дека со помошта за грижата за децата, бабите ја зголемуваат плодноста на нивните ќерки. Но, се разбира, постојат исклучоци кои докажуваат дека во реалниот живот може да има многу примери на баби и дедовци од страна на таткото кои обезбедуваат иста грижа со ист заштитен ефект.

Водачите на студијата предупредиле дека овој заштитен ефект не е доволно силен за целосно да го избрише влијанието на траумата.

-Дури и највисокото ниво на вложеност од страна на бабите од мајчина страна, согледано во овие податоци, не успеа целосно да ги заштити внуците од негативните ефекти на лошите искуства од почетокот на животот – вели Раглин Бигнал.

Се разбира, тоа не е правило и не може да се смета за единствена вистина, но звучи логично.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X