Животот каков што го знаевме запре, а тоа, меѓу другото, вклучува и редовно дружење на бабите и дедовците со внуците бидејќи социјалната дистанца е нашата најдобра одбрана. Иако уште постојат многу работи што не ги знаеме за коронавирусот, знаеме дека постарите лица се позагрозени, како и сите оние што патат од некои хронични болести и состојби поврзани со стареењето, како дијабетесот, срцевите заболувања и слично. А сите тие ризик-фактори доаѓаат во „пакет со бабите и дедовците“.

Затоа, експертите препорачуваат во овој период посетите на бабите и дедовците од страна на внуците да се претворат во виртуелни посети – видеоповик или преку телефон. На децата, секако, треба да им се објасни, во согласност со годините, што се случува и зошто нивната рутина е променета, а особено зошто не можат повеќе да ги гледаат бабите и дедовците. Важно е и јазикот да биде примерен за децата да можат да разберат што се случува, тонот на гласот да биде смирен, а важно е и да им се даде надеж, односно да се каже дека наскоро сè ќе биде како порано.

Се препорачува младите членови на семејството да купуваат намирници за постарите членови, кои во оваа ситуација не би требало да го напуштат домот, но покрај тоа треба да има најголеми мерки на внимателност и потребна дистанца. На постарите лица во повеќе земји сега им помагаат многубројните волонтери, носејќи им храна и друго за да не ги напуштаат домовите. Засега се чини дека повеќе од 80 отсто од инфекциите со коронавирус се прилично благи, а дека децата имаат полесна инфекција од возрасните. Но, тоа не значи дека не можат да бидат преносители на болеста, за што веќе зборувал научникот Иван Ѓикиќ од Хрватска. Во таа смисла, децата може да поминат и без симптоми, а болеста сепак да ја пренесуваат на другите. Затоа е важно да се избегнуваат дружењата. Тоа, секако, тешко им паѓа на новите мајки, кои во нормални околности би можеле да сметаат на помош од бабите и дедовците околу новороденчињата, но сега тоа не е случај.

Исто така, не е едноставно и за оние родители кои покрај пандемијата со вирусот, мора да одат на работа и да организираат чување на своите деца. Прекрасна приказна пренесуваат од „Дејли мејл“ – објавиле фотографија од баба и дедо во самоизолација кои преку стаклена врата се поздравуваат и играат со своите внуци. Фотографијата на својот твитер-профил ја објавил таткото на децата Крис Пејџ од Норфолк, Англија, Фотографијата ја направил еден од пријателите на таткото, а на неа се гледа слаткиот однос помеѓу бабата и дедото со внуците. Бабата и дедото ги поставуваат рацете на стаклената врата, додека двете мали девојчиња им испраќаат бакнежи.

фото: Твитер/ Крис Пејџ

Во друга објава на „Твитер“ напишал: „Многу е тешко, но насмевката на бабата и дедото покажува дека тие уживаат“.

Твитот бил споделуван и добил многу лајкови, а голем број корисници не одолеале, па коментирале. „Ова ме прави многу среќна, благодарам што споделувате“, „Ова е прекрасно!“, се само дел од коментарите.

Автор: Хејли Ричардсон



912

X