Највредните работи се неразбирливи на прв поглед, па дури и на многу следни погледи. Ако ја свртите главата само затоа што не знаете, иако сте на чекор од тоа да си признаете дека многу лесно би можеле да дознаете, тогаш не фалете се со оние нешта кои мислите дека се ваши квалитети. Една честичка добрина скриена некаде во твоето срце, кога ќе успееш да ја најдеш, а ќе успееш ако имаш само малку желба, ќе те научи дека не треба да знаеш, туку дека треба да разбереш.

Таа нежна сина пеперутка покрај која сте поминале и која ви го привлекла вниманието со своето навидум необјасниво однесување, па сте гледале (зјапале) поразлично и подолго отколку што налага пристојноста, а потоа, станувајќи свесни за оковите што ги наметнуваат предрасудите, сте ја свртеле главата многу побрзо, од таа мала пеперутка од која можете многу да научите, само уште не го знаете тоа.

Во сите нас има илјадници светови. Возрасните, кои брзаат да станат возрасни, многу рано престануваат да ги гледаат бескрајните бои и нијанси кои некогаш ги прават посебни невините светови. Трагајќи по некоја среќа за која наивно веруваат дека се наоѓа надвор од нив и по материјалното богатство, тие постепено ги губат чувството и способноста да ја препознаат убавината на сето она што го нуди нивниот личен свет. На крајот забораваат на него, целосно концентрирани на надворешното. И вам ви се случило.

И мене, во одреден дел, исто така, признавам. Затоа не знаеме да ја препознаеме, а камоли да ја разбереме уникатноста на универзумот населен со мали, нежни пеперутки. Наместо да зјапате или да ја свртите главата настрана, пријдете и бидете достојни да ве забележат и видат тие бескрајно длабоки очи. Ќе го откриете неочекуваното. Ќе го дознаете дотогаш непознатото. Ќе станете свесни дека сите ние, иако навидум различни, во основа сме исти, желни за љубов и внимание. Покажете ја и подарете ја најубавата емоција. Ќе направи да се чувствувате и вие подобро. Пробајте! Ќе видите дека сум во право.

Не кажувајте дека не можете да помогнете. До малата пеперутка стои олицетворение на сила и храброст во форма на нејзиниот родител. Можеби вашето цврсто ракување, со кое ќе му го пренесете сето разбирање што со зборови е неискажливо, ќе биде доволно токму во тој момент да му ја вратите силата. Можеби тој родител се откажал, но во моментот кога ќе му кажете – тука сум за сѐ што му треба, добива крилја затоа што станува свесен дека тоа во кое се сомневал не е оправдано и дека не е сам.

Не брзајте со вашите реални и имагинарни обврски без да погледнете кон богатството на светот околу вас, бидејќи незнаењето не е изговор за да не разберете!

Автор: Марија Булајиќ Шкулетиќ

Извор



912

X