Воспитување

Аудиокниги за деца: за или против?

За многу кратко време слушањето аудиокниги стана многу популарно и широко користено, не само меѓу возрасните туку и меѓу децата на сите возрасти. Имајќи ја предвид нивната сè поголема експанзија и значењето што го добиваат, особено во светот на детската книжевност, одлучивме да запловиме во светот на современата нарација и да го истражиме сето она што е важно да се знае кога се работи за аудиокнигите за деца. Ќе се обидеме да ги отстраниме сите потенцијални дилеми што ги имате и да дадеме одговор на многу важни прашања, а едно од нив е – дали аудиокнигите се добри за децата?

Дали слушањето аудиокниги на децата им го отежнува учењето да читаат?

Една од најголемите дилеми кога се работи за аудиокнигите е дали нивното пасивно слушање може негативно да влијае и да ја забави способноста на децата да научат да читаат. Одговорот е многу едноставен – не. Всушност, токму спротивното. Без разлика дали вашите деца се во процесот на совладување на вештината на читање, веќе страсни читатели или тешко да посакаат да прочитаат книга, аудиокнигите може да им донесат изненадувачки придобивки, а една од нив е позитивното влијание врз способноста за доброто читање. Како што тврдат експертите, слушањето аудиокниги го поттикнува развојот на сите 4 важни јазични системи: фонолошки, семантички, синтаксички и прагматички. Зошто е така?

Првенствено, со слушањето аудиокниги децата имаат можност да се сретнат и со оние книги и приказни што се доста над нивното моментално читачко ниво. Така, на пример, читачките способности на вашето дете може да бидат на праг на прво одделение, но со помош на аудиокнигите тоа може да пристапи до книги со многу комплексни теми и вокабулар. Токму тој напреден вокабулар и начин на изразување може да има повеќекратна предност за вашите деца и нивната вештина за читање. Слушањето ваков вид книги влијае не само врз учењето нови непознати зборови – со кои детето во конвенционално читање веројатно долго не би се сретнало – туку и врз развивање на вештините за критичко размислување и слушање, како и многу напреден степен на разбирање на содржината.

Овие и слични тврдења ги потврдило истражувањето спроведено од страна на „Труст за национална писменост“, кој се занимава со споредување на конвенционалното читање и слушањето аудиокниги и нивното влијание врз развојот на писменоста кај децата. Имено, серија експерименти покажале дека слушањето аудиокниги не доведува до пасивност, туку бара ангажирање на истото ниво на когнитивни способности како и класичното читање.

Слушањето наратор ги ослободува фантазијата и емоциите кај децата

Слушањето приказни, повеќе од читањето, овозможува и поврзување со самата приказна и нараторот. Многу истражувања покажале дека слушањето човечки глас придонесува за покажување многу посилни емоционални реакции на содржината на приказната отколку што тоа го прават книгите или дури и филмот. Поради сето ова, многу експерти дошле до заклучок дека аудиокнигите може да придонесат за развојот на емоционалната интелигенција кај децата.

Една од причините за ова е фактот дека децата слушајќи аудиокниги, може да се фокусираат на значењето и разбирањето на самото дело. Кога читаат класични книги, децата, особено во рана доба, често целата своја енергија и внимание ги насочуваат кон тоа правилно да прочитаат и да ги изговорат напишаните зборови, што често им оневозможува да се фокусираат на самата суштина на делото. Од друга страна, аудиокнигите создаваат емоционална поврзаност на детето со нараторот и тоа ги мотивира да продолжат да слушаат.

Говорејќи за овој феномен, детскиот педијатар Мајкл Рич истакнал уште една важна карактеристика на аудиокнигите. Според него, аудиокнигите за деца на посебен начин ја ослободуваат детската фантазија. Тој објаснува: „Додека детето слуша приказна, тоа има можност активно и во истиот момент да го замислува светот за кој говори нараторот и во својата глава самостојно да ги отслика ликовите и случките онака како што сака и разбира“.

Мултисензорното читање може да им помогне на децата со тешкотии во читањето

Иако наведените придобивки од аудиокнигите несомнено се значајни за секое дете, тие посебно даваат придонес за децата што имаат дислексија или слични тешкотии со читањето и учењето. Кога не чита на исто ниво како и неговите врсници, често се случува детето да стане фрустрирано и тажно и создава анимозитет кон книгите и учењето. Аудиокнигите, навидум, можат да помогнат во полесно совладување на овие тешкотии.

Она што посебно се нагласува како многу корисна и ефикасна техника е таканареченото истовремено или мултисензорно читање. Тоа подразбира истовремено слушање на текстот во аудиокнигата и читање на истиот текст во класична книга. Слушањето на зборовите додека во исто време ги гледаат на хартија на децата им помага во главата да направат и да ја разберат поврзаноста помеѓу звукот и симболите. Благодарение на ова, децата со тешкотии во читањето можат да станат подобри во изговарање на зборовите, побрзи во совладувањето на речениците, како и во разбирањето на содржините.

Од аудиокнигите може да научите како да раскажувате приказна

„Раскажи ми некоја приказна!“ Сигурно сите безброј пати сте биле соочени со ова барање кое е речиси невозможно да се одбие, имајќи предвид од кого доаѓа. И додека на многу родители древната вештина на проповедање им оди како од шега, веруваме дека меѓу нас постојат и многу родители на кои раскажувањето приказна, на некој начин, не им оди од рака и често не се чувствуваат пријатно и сигурно во себе кога на своите малечки сакаат нешто да им прочитаат или раскажат. И тоа е сосема во ред. Секој од нас е добар во нешто друго и затоа не грижете се, бидејќи аудиокнигите за деца се тука да ви помогнат.

Покрај тоа што вас понекогаш може да ве заменат во раскажувањето приказни на крајот од напорен ден, тие може да ви помогнат и да развиете вештина на добро раскажување. Со заедничко слушање можете да се зближите и да се поврзете со вашето дете, но и да видите кој стил на раскажување приказни во нив предизвикува најдобри реакции и што е она што им го држи вниманието. Исто така, по слушањето приказни секогаш можете и треба да започнете дискусија за она што сте го слушале и така да ги поттикнете децата со вас да ги споделат своите размислувања и да ги охрабрите да ви поставуваат прашања.

Дозволете им на децата сами да изберат

Како што гледате, аудиокнигите за деца навистина може да бидат извонредно корисни како за вашето дете така и за вас. Сепак, ова не значи дека децата треба да престанат да читаат книги. Напротив! Тоа е, во одредена смисла, незаменливо и со причина има значајна улога во развојот и растењето на децата. Како и во сè, така и во користењето на аудиокнигите треба да се биде умерен и паметен. Секое дете е различно и затоа не морате по секоја цена да ги изложувате и да ги форсирате да слушаат аудиокниги, доколку тоа не им одговара.

Аудиокнигите на многу деца ќе им бидат здодевни, комплицирани, бавни, заморни, ќе ја ограничуваат нивната љубопитност и потреба постојано да поставуваат прашања додека читаат и слично. Сето ова е целосно нормално. И баш затоа, треба да им дозволите на своите деца сами да го изберат она што најмногу им одговара. Вие треба да им го овозможите изборот и како родител да препознате што е она во што најмногу уживаат.

Секако, немојте да заборавите дека она што вашите деца многу повеќе ќе го помнат од содржината на некои книги е квалитетното време поминато со вас. Дали тоа ќе биде исполнето со читање или слушање книги, со разговор или игра, или пак на сосема друг начин, на вас е да одлучите!

Автор: Сања Петровски

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top