При уредување соба за близнаци би било добро на самиот почеток да ја одберете најголемата соба во станот. Недостигот на простор може да претставува најголем проблем, особено кога децата ќе пораснат.

Доколку не сте во состојба на секое дете да му обезбедите посебна соба, тогаш заедничката би требало да биде уредена така што ни едно дете да не се чувствува „загрозено“. Додека децата се мали, заедничката соба и недостигот на простор не претставуваат проблем бидејќи тие сакаат заедно да си играат, а и навечер помалку се плашат. Но, кога ќе пораснат, доаѓа до израз потребата за приватност. Тогаш личните особини и потреби се поистакнати, особено ако децата се од различен пол, па пожелно е собата функционално да се прегради за секое дете да има свое катче.
Собата треба да биде сончева и да има можност за лесно проветрување.

Организација на просторот
Би предложила собата за близнаци да се организира така што однапред да се предвидат зоните во детската соба.

Зона за спиење

Потребно е да набавите две креветчиња. Тие можат да се постават во повеќе меѓусебно различни положби. Пожелно би било да се на тркалца за да може нивната положба да се менува според моменталната потреба, или при промена на распоредот во собата. Важно е креветчињата да не бидат поставени во близина на прозорец или грејно тело. Овие креветчиња околу третата година од животот на децата можат да се заменат со стандардни детски кревети или кревети на кат. Масичката за преповивање е неопходно парче мебел во првите години од животот. Добра е идејата да се набават две, доколку имаат фиоки за чување на детската облека, а горниот дел може да им се отстрани бидејќи подоцна можат да послужат како плакарчиња. Во непосредна близина на овие масички се полиците за чување на средствата за лична хигиена на децата. Плакарите за чување детска облека уште на почетокот можете да ги набавите во стандардни величини бидејќи децата брзо растат и детскиот мебел многу брзо станува несоодветен.

Зона за игра

Треба да се остави доволно простор за игра – затоа најдобро е средината на собата да биде празна. Можете да ја покриете со тепих или топла простирка, а може да се дополни и со перничиња за седење. Зоната за игра добива значење со растењето на децата. Во првите години од животот овој простор е многу важен за нивниот развој бидејќи се развиваат и учат токму низ игра.
Во првата година од животот оваа зона нема практична функција. Тука може да се смести фотелја или двосед за мајката – кога ги храни децата или има друга работа околу нив. Подоцна, сè повеќе добива на значење и најмногу е подложна на промени. Тука може да се постават полици со играчки и сликовници, како и масичка со столчиња за децата и нивните гости. Во школскиот период оваа зона се проширува бидејќи на децата им треба поголем простор за работа. Тогаш настануваат проблемите зашто собата станува мала и несоодветна за изразување на личните особини и склоности на близнаците.

Ако близнаците се од различен пол

На самиот почеток собата визуелно може да се подели и јасно да се истакне дел за девојчето и дел за момчето. Креветчето наменето за девојчето може да се постави покрај едниот, а креветчето за момчето покрај другиот, спротивен ѕид. Ѕидот каде што е креветчето на девојчето може да се бојадиса во светлорозова, виолетова или портокалова боја, додека ѕидот покрај креветчето на момчето во светлосини или зелени нијанси. Секој ѕид може посебно да се украси со соодветни мотиви. Средниот ѕид може да биде еднобоен. Важно е секое дете да има свое катче, кое подоцна ќе може да го уреди по своја желба.
Катчето за девојчето може да биде подекорирано, со повеќе детали, додека катчето на момчето може да биде поедноставно, со посилни бои. Ако собата е поголема, кога близнаците ќе пораснат, може да се прегради со преграда – импровизиран преграден ѕид кој дури и не мора да биде висок до таванот. Просторот за игра е заеднички бидејќи во првите години децата сакаат да си играат заедно.
Тепихот може да биде со геометриски мотиви со живи бои, со застапени сини, зелени, розови, виолетови и портокалови тонови. Перничињата за играње и седење исто така можат да бидат во бои кои одговараат и за момче и за девојче.
Зоната за учење може да биде заедничка. На помали години – тука се наоѓа масичка – која може да биде во некоја неутрална, бела или крем боја. Столчето за девојчето може да биде во розова или портокалова боја, а на момчето во сина или зелена боја. Треба да набавите по две такви столчиња бидејќи секое дете ќе посака да донесе гостин. Полиците во оваа зона можат да бидат различно обоени и украсени, со тоа што полиците на девојчето можат да бидат и со необични форми. И тука треба да постои поделба. Девојчето треба да има свои полици, во свој дезен и бои, со сопствени играчки и сликовници, а момчето – свои. Најголемиот проблем кога ќе пораснат настанува токму во работната зона, кога покрај компјутерот и полиците за книги на девојчето ќе му треба и простор за разубавување, а на момчето простор за неговите „разоноди“. Тогаш треба да се најде некаков компромис.

Кога децата ќе пораснат, кревет на кат е добро решение поради недостигот на простор. И во оваа ситуација, секој дел од ѕидот може да се декорира и да се приспособи на полот на детето. Соодветна постелнина, играчки, налепници – можат да направат секое дете да се чувствува убаво. Треба да биде застапена комбинација на бои на мебелот што ќе им одговара и на момчето и на девојчето. Дури и креветот на кат може да се обои, па така едниот дел да биде син или зелен, а другиот розов или виолетов. Тоа може да се примени и на мебелот, па фиоките и вратите на плакарот за девојчето можат да бидат во „нејзините“, а за момчето во „неговите“ бои.

Соба за близначки

Најдобро е адекватно да се уреди зоната за спиење во собата на девојчињата. Креветчињата или креветите можат да се постават паралелно, но да бидат оддалечени. Меѓу нив можете да поставите една заедничка или две комоди за чување на личните работи, кои можат да се дополнат со декоративни светилки. Креветите можат да бидат со едноставен дизајн, или со странични делови во вид на убаво декорирани метални шипки, кои можат да бидат во определен стил.
Над секој кревет на ѕидот можат да се постават огледала, слики или фотографии од секое девојче. Еден дел од ѕидот може да има мурал, или на ѕидот да се залепи тапет во одредена боја, со цветен или друг дезен, по желба на децата. Главни детали во собата се убавата постелнина и украсните перничиња. Креветите можат да се постават и во положба „Г“.
Зоната за игра подоцна може да се дополни и со убави фотелји. Делот за работа и учење на помали години треба да има масичка со столчиња, а подоцна работна маса. Се разбира, девојчињата бараат повеќе од момчињата, па треба да се предвиди и комода со огледало. Ѕидовите се во светлопортокалова, зелена, розова, виолетова, жолта или бела боја.

Ако близнаците се момчиња

Собата за деца од ист пол полесно се уредува. Впрочем, собата за момчиња, што се однесува до детали, бара помалку. За убава соба каде што ќе престојуваат вашите момчиња ѕидот во зоната за спиење бојадисајте го во пастелно зелена или сина боја. Потоа, со некоја потемна боја – сина, сива или кафеава, нацртајте патче. Ако умеете, на патчето можете да нацртате и автомобили, автобуси, камиончиња, или нацртајте локомотива на пруга. Цртањето можете да го замените со налепници. Вакви детали можат да имаат и завесите или постелнините во собата.

Теписите може да бидат во поживи бои – со црвени и жолти нијанси, во комбинација со сини и зелени. Кога момчињата ќе пораснат и ќе ги надраснат креветчињата, можете да им купите француски кревет или кревет на кат, кревет со поголема висина, каде што како фиока се извлекува другиот кревет. Мебелот може да биде во крем или во кафеава боја. Во подоцнежниот период од животот треба да се предвиди простор за чување спортска опрема, компјутери, музички инструменти, разни предмети што се карактеристични за момчињата.

Соба со јунаците на „Дизни“

Ако вашите деца ги сакаат јунаците на „Дизни“ или јунаци од други цртани филмови, собата можете да им ја уредите користејќи ги тие ликови. Еден заеднички ѕид можете да го бојадисате во некоја атрактивна боја, не премногу темна. Над креветот за момчето поставете ги неговите омилени јунаци, а истото направете го и над креветчето на девојчето. Завесите, теписите, постелнините можат да имаат слични или исти детали. Другите ѕидови можат да бидат во бела или во некоја друга светла боја. Доколку децата сакаат различни цртани филмови, тогаш ѕидот можете да го поделите на два дела и да го бојадисате во различни бои, согласно темата од цртаниот филм.

Автор: Марија Кочовиќ, дипломиран инженер-архитект



912

X