Ако некогаш сте барале работа, сигурно сте наишле барем на еден апсурден оглас со долга листа на барања и неразумно ниска плата. И тоа баш ве изнервирало. И кога некогаш би имало натпревар за најсмешни огласи за работа со најсмешни плати, овој оглас би бил на врвот.

Пред неколку дена еден редит-корисник сподели интересен оглас за работа. Станува збор за вработување дадилка, иако списокот со барања и одговорности на кандидатот е прилично навредлив, а платата уште посмешна – 13 долари на час (што за Америка е прилично ниска).  Така, кандидатот треба да биде на специфична возраст, да има факултетска диплома, да биде дадилка, наставничка, личен купувач, домаќинка – сето тоа за плата од 13 долари на час.

Во продолжение ви го пренесуваме целиот оглас:

„Се бара дадилка. Мора да биде одговорна за широк спектар на домашни задолженија/поголемиот дел од времето ќе биде ангажирана од понеделник до петок од 11 часот до 19 часот. Сепак, во лето работното време ќе биде од 9 до 18 часот. Исто така, ќе биде потребно да биде по цел ден на работа ако децата се на распуст или ако се болни, па треба да учат дома. Потребен ни е некој што ќе може да биде флексибилен со работниот распоред поради нашите работни места, кои бараат постојано да патуваме.

Дадилката ќе ѝ помага на мајката околу двете деца, на 8 и 13-годишна возраст. Возењето е голем дел од работата. Кандидатот мора да има автомобил, да нема никакви казни за возење, а мора да има искуство во возење во голем град. Потребна е помош за одржување на домот и организирање на децата, како и други обврски. Кандидатот мора да биде добар со миленичиња. Потребни се компјутерски вештини со оглед на тоа што ќе треба да им помага на децата со училишните обврски.


Одговорности

Подготвување на децата за на училиште или други активности;
Приготвување оброци за децата;
Носење на децата на училиште, на натпревари, состаноци итн;
Извршување домашни обврски/лесно чистење;
Менторство на децата и помош за училишните предмети;
Грижа за миленичињата;
Купување намирници за домот;
Различни задолженија (одење во банка, одење во аптека итн.).

Знаење, вештини и способности

Способност за извршување активности низ домот и готвење;
Подготвеност да се придржува до стандардите за здравје и безбедност;
Способност за сочувствителност, флексибилност и силна етика;
Одлична комуникација и интерперсонални вештини;
Способност да се биде свесен за реакциите и потребите на другите, како и индивидуалните разлики;
Вреден работник.

Образование и искуство

Факултетска диплома;
Мора да биде помеѓу 25 до 30 години;
Мора да има искуство како дадилка 2 години;
Билингвалноста (шпански или португалски) е голем плус;
Мора да има добра препорака;
Голем плус ако е добра во уметноста или спортот;
Мора да има автомобил;
Возачка дозвола;
Да е одговорна и доверлива личност;
Познавање на „Мајкрософт офис“

Плата: 13 долари на час“

Голем дел од корисниците на „Редит“ го нарекоа овој оглас апсурден, смешен, па дури и навредлив.

– Во основа, тие бараат некоја личност да им ги посвои децата во период од 13 часа – вели еден редит-корисник.

– Значи, да биде родител на децата и да управува со домаќинството – вели друг.

– Да, ова е разумен оглас, доколку се даде разумна плата. 13 долари на час воопшто не е разумна плата – вели трет.

Извор



912

X