Мобилна апликација за дијагностицирање тешка жолтица кај новороденчињата би можела да спаси многу животи во посиромашните делови на светот, покажуваат резултатите од нова студија. Во студијата, коавторство на истражувачите од „UCL“ и Универзитетот во Гана, апликацијата наречена „neoSCB“ била користена за скенирање на очите на повеќе од 300 новороденчиња во Гана, откако била спроведена пилот-студија на 37 новороденчиња во 2020 година.

Апликацијата, развиена од научници и инженери на „UCL“, била користена за анализа на фотографии направени со паметен телефон за мерење жолтица во очното јаболко на новороденчињата – знак за неонатална жолтица. Студијата ја споредила ефективноста на апликацијата со конвенционалните методи на скрининг и открила дека меѓу 336 тестирани бебиња, точно идентификувала 76 новороденчиња со тешка жолтица.

Студијата покажала дека ова е во согласност со прецизноста на најчестиот скрининг-метод, неинвазивен уред познат како транскутан билирубинометар кој ги идентификувал сите 76 бебиња со жолтица. Теренс Леунг од „UCL“, кој ја развил технологијата за апликацијата, истакнал дека студијата покажала оти апликацијата е исто толку добра како што препорачуваат комерцијалните уреди.

Тој додал дека е потребен само паметен телефон, кој е многу поевтин од комерцијален уред. „Се надеваме дека нашата технологија, еднаш широко користена, може да се искористи за да се спасат животите на новороденчињата во делови од светот кои немаат пристап до скапи уреди за скрининг“, рекол тој.

Водачот на студијата, Кристабел Енверону-Лари од Универзитетот во Гана, изјавил дека методот на апликација е „прифатлив“ за мајките во урбаните и руралните области кои учествувале во студијата. Жолтицата е честа и обично безопасна за новороденчињата. Но, во тешки случаи билирубинот, пигментот што предизвикува жолта кожа, може да влезе во мозокот и да доведе до смрт или губење на слухот, доцнење во развојот и невролошки состојби.

Тешката жолтица убива околу 114.000 новороденчиња секоја година и предизвикува 178.000 случаи на инвалидитет во светот. Бебињата во посиромашните земји се изложени на поголем ризик од тешка жолтица.

Извор



912

X