Здравје

Апликација им помага на новите мајки во Нигерија да дојдат до здравствени услуги

Во август минатата година, кога Бенита Џошуа од Нигерија била бремена, почнала да чувствува остра болка во долниот дел од абдоменот додека извршувала домашни работи. Ова било нејзина прва бременост, па побарала совети од пријателите. Еден од нив ѝ препорачал апликација каде што може да го сподели нејзиното искуство во форуми и да добие медицински совети. Кога поставила објава за нејзиното искуство, набрзо ѝ олеснило кога слушнала од други мајки дека абдоминалната болка е честа во текот на бременоста и дека некогаш е поврзана со зголемувањето на тежината.

Апликацијата „Омоми“ обезбедува пристап до информации за здравјето на мајките и децата кои се од животно значење – а ова е многу вредно за поголемиот дел од популацијата во Африка. Во Нигерија во моментов соодносот лекар-пациент е 1:6.000 (СЗО препорачува 1:600). Ова резултира со сериозни одложувања во добивањето третман, најчесто поради непристапност или поради висока цена. Ваквата опасна ситуација ги поттикнала д-р Чарлс Акхимиен и д-р Емануел Овобу, кој исто така е и претприемач, да креираат евтина платформа која брзо ги поврзува мајките со медицински совети.

„Омоми“ значи „Мое дете“ и е мобилна апликација, веб и СМС-базирана платформа која обезбедува виртуелни сервиси за здравствена грижа за бремените жени и мајките на мали деца. Претплатниците може да очекуваат основна грижа во текот на бременоста, постнатална грижа и други здравствени сервиси.

– Лансирањето на  апликацијата „Омоми“ за нас беше како повик за должност. Нашата цел е да помогнеме да се намали доенечката смртност и смртноста на мајките во Нигерија и да ја подобриме здравствената едукација и пристапот до лекари – објаснува Овобу.

Мајките може да поставуваат прашања анонимно и да добиваат одговори од медицински професионалци за помалку од 10 минути. Апликацијата креира простор за повеќе лекари да имаат пристап до повеќе пациенти отколку што реално би постигнале во директен контакт, вели Овобу.

Апликацијата, исто така, вклучува и водич за семејно планирање, доење, набавка на храна и справување со дијареја. Вклучени се и практични алатки, како калкулатор за плодност и детска имунизација, како и следачи на растот и развојот – со охрабрувачки зборови и мотивација.

Еватоми Адепоју (38) ја користела апликацијата четири години. Ѝ се допаѓа алатката за справување со имунизацијата, која ѝ помага да води сметка за клучните датуми за вакцинација на нејзиното дете. „Апликацијата е како да имам лекар на мојата дланка“, вели таа.

Од 2015 година апликацијата била преземена 40 илјади пати, а СМС-верзијата ја имаат повеќе од 7 илјади корисници. Сервисот, кој е финансиран од американскиот Стејт департмент, преку американскиот конзулат, „Лагос“ и Здравствениот сојуз на приватниот сектор на Нигерија, не е единствениот сервис што обезбедува брзи одговори и медицински совети од ваков вид. Постојат и други апликации, како „CradleCount“ и „Zero Mothers Die“. Сепак, месечното членство од пет долари може да биде скапо за некого.

Овобу вели дека се надеваат дека ќе креираат бесплатна верзија од апликацијата, потпирајќи се на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Вацап“, преку кои нема да треба да се презема апликацијата. Сепак, креаторите сметаат дека со апликацијата на корисниците им се заштедуваат и времето и парите. Кога Адепоју се обратила во Заедницата на мајките за совет во врска со дијарејата на нејзиното дете, другите мајки одговориле брзо со совети што дале позитивни резултати за нејзиното бебе. Така таа заштедила пари за пат и трошоци за лекарски преглед.

Автор: Валентин Ивенване

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top