Воспитување

„Антисовети“ на детски психолог: Работи поради кои нѐ гризе совеста се одлични за развојот на нашите деца

Дорса Амир е истражувач на Универзитетот во Беркли и ги проучува начините на кои децата се развиваат и учат во различни култури низ светот.

Таа е и модерна мајка која, како и сите други, го чувствува огромниот притисок на кој се изложени модерните родители денес. Затоа, на својот твитер-профил состави листа со антисовети за родителите кои премногу се грижат дали прават доволно за своите деца.

Еве ги нејзините совети:

– Не мора сè да биде едукативно! Што и да прават, децата секогаш учат. Не мора да ги учите на букви или животински звуци.

– Не чувствувајте се должни постојано да ги учите на нешто. Учењето на децата преку директна настава е најретката форма на учење во историјата на човештвото. Децата можат да учат на други начини – со набљудување. И тие се неверојатно добри во тоа.

– Во ред е да им е досадно и не мора постојано да ги забавувате и да смислувате нови активности за нив. Тие треба да научат да го прават тоа сами.

– Децата треба да искусат конфликти, како што се несогласувања и расправии со врсниците. Обидете се да не се мешате за да научат сами да ги решаваат.

– Негативните емоции не треба да се избегнуваат. Децата треба да ги запознаат и да научат да ги обработуваат. Целосно безгрижно детство без емоционални предизвици не е добра подготовка за животот.

– Не мора да бидете кул и смешен пријател на вашето дете. Слободно можете да бидете само родител. Играњето со деца како да се пријатели е крајно невообичаено за човечкиот вид.

– Вашиот живот и распоред не мора да се вртат околу желбите на вашето дете. Се вбројуваат и желбите на другите членови на семејството. Детето ќе биде совршено задоволно кога ќе учествува во активности за возрасни.

– Не мора да им купувате стотици играчки. Децата можат да си играат со што било. Всушност, нивни омилени „играчки“ им се предметите на возрасните.

– Децата сакаат да ги имитираат возрасните. Така учат. Вклучете ги во домашните работи и тие ќе уживаат во тоа.

Човечкиот вид е посебен по својата неверојатна „пластичност“. Можеме да се приспособиме на милион различни еколошки, културни и социјални околности. Тоа значи дека има милион различни начини да се биде човек и сите се точни.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top