Има само 13 години, зад себе едно чудо награди и медали, а пред себе еден голем сон да стане балерина. Ања Кузмановска од Куманово живее во Балштал, Швајцарија, каде што успеа со својот танц да ги надигра сите талентирани Швајцарки на нејзина возраст и да се стекне со титулата државен првак на Швајцарија во модерен балет за јуниори од 12 до 15 години.

Во првенството во нејзината категорија учествуваа 19 балерини, од кои само шест влегоа во финале, а Ања беше највисоко рангирана.

– Воедно добив квалификација за Европско првенство кое, за наша среќа и чест, ќе се одржи оваа година во септември во Македонија. Тоа нè прави посреќни и повозбудени. Значи, ни следува голем настан во Македонија, каде што ќе дојдат танцови клубови од цела Европа. Тоа ќе биде празник на танцот, а јас во мојата родна татковина ќе имам можност да го покажам својот талент – рече Ања.

Танцува од пет години, а сега посетува балетско студио со руски стандарди

Првите чекори во танцот ги направи на петгодишна возраст, кога родителите одлучиле да ја пратат на танц поради нејзината живост, да се занимава со активност каде што ќе ја троши енергијата, но и правилно да се развива и да се формира како личност. Таа е прва балерина во семејството Кузмановски, иако родителите откриваат дека потенцијалот е наследен.

– Ања е родена во Скопје, но живеевме во Куманово, каде што таа учеше до 2018 година. Во 2019 се одлучивме да дојдеме во Швајцарија, што значи три години живееме во друга држава. Беше многу тежок чекор да се живее во странска држава, нов јазик, околина, луѓе од цел свет… Но, ова беше најдобрата опција за семејството бидејќи татко ѝ на Ања често патуваше поради работата, па овој чекор го направивме за обединување на семејството. Македонија и сè во неа ѝ недостига на Ања премногу, роднините, пријателите, спомените, буквално сè. Но, сега цело семејство е заедно и уживаме во нашите среќни моменти и искрено не жалиме за ваквиот чекор – вели мајка ѝ, Сузана Кузмановска.

Талентираната Ања сега тренира во Spectacolo dance academy во Швајцарија. Тоа е балетско студио по руски стандарди каде што се негуваат повеќе танцови стилови, како што се: класичен, модерен, џез, шоу-денс… Воедно, во Берн посетува и курс во професионална школа која негува повеќе техники, исто така, и онлајн-часови за подобрување на техниката со познати кореографи од светот.

Танцот ѝ е на прво место, се откажува дури и од одмори и дружби

-Ваквиот ангажман бара голема пожртвуваност, посветеност. Запишана е во училиште за талентирани деца на кои им се дозволува повеќе време за тренирање и школските задачи можат да ги завршат дома, а услов за да учи во ова училиште е минимум 10 часа тренинг неделно, но таа има и повеќе. Жртвува многу работи, се случило да отсуствува од семејни летувања и прослави поради тренинзи. Многу малку време ѝ останува за дружење со другарките зашто покрај балетот, таа е доста солиден ученик и доста време посветува на училиштето – раскажуваат родителите.

Инаку, во Македонија првите успеси ги постигна како член во балетското студио „Ултра“ во Куманово, каде што освои доста први места, соло и групни кореографии. Го посетувала и балетското студио „2IDance Sisters“ од Куманово, а во Скопје со професорот по класичен балет Горан Божинов учела класичен балет.

Во септември ќе настапи на Европското првенство во Македонија

Веќе осум години освојува награди на кој било натпревар во танци на кој ќе се појави. Се здоби со многу први места и признанија, кои е тешко да се избројат. Победи и на натпреварот „Офенбург“ во Германија, а и професорите во Швајцарија ѝ предвидуваат блескава иднина. Ова лето ѝ престои уште еден предизвик, натпревар од светски ранг – Dance World Cup, кој ќе се одржи во Телфорд, Англија. Поради моменталната ситуација со коронавирусот и заштита од несакани ситуации, школата одлучи да настапат онлајн. Но, без оглед на тоа, Ања е возбудена и напорно тренира. Ова лето сака да биде во топ-форма и така да се прикаже во родната Македонија, но и пред Европа.



912

X