Марио Петров, оптометрист

Марио Петров, оптометрист

веб: www.optometrija.mk

Повеќе од авторот

Слабовидноста или амблиопијата можеме да ја дефинираме како намалување на визуелната острина поради неактивност на самото око. Центарот за вид во мозокот не може да ги обработува информациите што доаѓаат од амблиопното око, па прима само визуелни ефекти на здравото око.

Амблиопијата се јавува најчесто во детска возраст, кога се развива точка на јасниот вид – макула. Често се појавува заедно со страбизам и други рефракциски грешки, но може да биде и без нив. Појавата на амблиопија исто така може да се предизвика од долготрајно преклопување на едното око, на пример, во случај на повреда.

Третман

Семејството, околината, но и самото дете не може да го забележи проблемот. Слабиот вид се открива на систематски преглед. Што се однесува до лекувањето, не постојат специфични лекови за лекување на амблиопијата. Можно е да се дејствува само на одредена возраст, помеѓу третата и деветтата година од животот, со посебни вежби и редовната оклузија на здравото око. На подоцнежна возраст промените се неповратни, што значи дека амблиопијата може да биде целосно или делумно излекуцана само во раната возраст.

Целта на третманот е да се направи активност на амблиопното око. Окото со нормална видна острина, односно здравото око се исклучува од употреба со оклузија која се поставува на очилата или директно преку окото. Исто така, може да користиме фластер или непроѕирна контактна леќа.
Со оклузија на здравото око треба да се започне што е можно порано. По шестата години шансите да се постигне подобра видна острина се радикално помали. Исто така, временскиот период на оклузија на окото постепено се намалува со подобрувањето на видната острина. На почетокот од третманот окото може да биде покриено цел ден, на крајот од третманот доволно е да се покрие само еден час на ден. Прогнозата за успех во третманот е индивидуална и, пред сè, зависи од навремено откривање на амблиопијата и од соодветниот третман.

Совет

Кон третманот со амблиопија треба да се пристапи со најголема одговорност и трпеливост затоа што се работи за иднината на детето. Треба да се знае дека нетретираната амблиопија со која детето влегува во животот значи неможност за подобрување на видот на окото со амблиопија или практично кажано, живот со едно око. Ова може да ја ограничи способноста на детето да учи, да се занимава со спорт, да го ограничи изборот на професија и има значително влијание врз неговата иднина.



912

X