д-р Александра Михајловска, матичен педијатар

д-р Александра Михајловска, матичен педијатар

ПЗУ „ Д-р Михајловска“ - Битола
тел. 071 222 941

Повеќе од авторот

Алергиите обично почнуваат со првите денови на пролетта и траат до средината на есента

Светска здравствена организација (СЗО) 21 век го прогласи за век на епидемија на алергии, со акцент на респираторните тешкотии.
Најчест тип на алергија е на полен или уште е означена како поленска кивавица. Ако порано започнуваше околу 8 или 9- годишна возраст, сега алергијата на полен почнува околу четвртата година, нормално со постоењето генска основа за тоа.

Алергиите обично почнуваат со првите денови на пролетта и траат до средината на есента.
На почетокот на пролетта најчести предизвикувачи на алергијата се полени од дрвјата леска, евла, бреза, врба. Во април-мај најчести алергени се полените од цветовите на дабот, јасенот и брестот. Од средината на мај, па сè до крајот на октомври алергени се полените од трева, плевел, амброзија.
Имено, како што се менува вегетацијата, така се менуваат и предизвикувачите на алергија.

Покрај поленските тешкотии, исто така голем влог во појавата на алергии е и високата аерозагаденост. Нејзини причинители се киселите радикали, бензоатите, сулфатите, или со еден збор издувните гасови. Сето тоа придонесува за оштетување на респираторната слузница, па на тој начин се создава подобар пат за влез на алергените и повторно создавање тешкотии при дишењето.

Како да ја препознаеме алергијата, а да не ја мешаме со инфекција?

Знаци и симптоми на алергија кај детето се: кивање, црвенило на конјунктивите со чешање, течење на носот, отежнато дишење, појава на црвенило и чешање по кожата. Сето ова пречи во учењето, во нормалната дневна активност кај школските деца, а е придружено и со главоболка. Овие симптоми траат долго, не се повлекуваат при дадена антибиотска терапија, се јавуваат во одредено време од годината, но некои траат и преку цела година.
За разлика од алергијата која оди без покачена телесна температура, кај настинката (вирусна или бактериска) има пораст на телесната температура, кашлица и болка во грлото, која трае кратко и спонтано или со соодветна антибиотска или симптоматска терапија се повлекува.

Како да се третира?

Една од најдобрите мерки е избегнување на алергените, што значи од 11 до 18 часот да не се шета на отворено во паркови.
Лекови што ја намалуваат алерген-компонентата и го олеснуваат дишењето кај децата се: антихистамини, топични кортико препарати за во нос, назални деконгестиви.



912

X