Летен одмор. Ние пристигнавме и полека се сместуваме. Моето дете е среќно, првпат ќе го почувствува убавиот летен воздух и мирисот на убавото топло езеро. Се насмевнува, во очите се гледа колку со нетрпение сака да ја допре водата за комплетно да ѝ се препушти на летната убавина. Излегувајќи надвор, наеднаш ја променува гримасата на своето лице. Почнува да му тече носот и непрестајно да кива. Тоа за мене е веќе аларм кој со сигурност знам што ќе донесе.
Секоја година, на крајот од август и почетокот на септември, ова едногодишно растение почнува да цвета. Само во Европа постојат над 20 различни вида амброзија, од кои најчеста е кратката амброзија (Ambrosia artemisiifolia, Ambrosia elatior).
Амброзијата произведува големо количество полен, на кој многу голем број деца сè почесто покажуваат алергиски реакции. Ветерот го транспортира овој вид полен на долги растојанија, така што не е потребна непосредна близина на растението за голем број луѓе да покажат симптоми на алергиски реакции.
Неговото стебло е исправено, разгрането, покриено со груби влакна. Изгледа како грмушка. Листовите се овални. Жолтеникавите цветови се групирани во долги кластерни инфлоресценции на врвот на стеблата и гранките. Цвета кон крајот на летото и есента, од почетокот на јули до првиот мраз, и произведува полен.
Поради специфичниот хемиски состав и обликот, зрната од полен имаат афинитет полесно да се залепат за мукозните мембрани на горниот респираторен тракт, со тоа силно менувајќи го имунолошкиот систем и почнувајќи да предизвикуваат алергиски реакции кај почувствителните деца. Податоците покажуваат дека амброзијата предизвикува алергиска реакција кај околу 10 проценти од населението, иако овие податоци варираат во голема мера. Исто така, поголема е веројатноста алергиските реакции да се појават кај дечиња кои имаат генско оптоварување, односно имаат фамилијарна предиспозиција.
Како се манифестира оваа алергија?
Овие карактеристични алергиски реакции ѝ припаѓаат на групата таканаречени поленози, односно хиперсензитивност на поленот од различни растенија. Знаци и симптоми на алергија на амброзија можат да бидат:
• течење на носот
• кашлица
• чувство на болка во пределот на синусите
• кивање
• црвенило и солзење на очите
• чувство на недостиг на воздух
• повраќање
• стомачни грчеви
• воденест измет
• црвенило и чешање на кожата
Ваквите симптоми се многу непријатни за детето и можат да ги загрозат неговите секојдневни активности.
Како најлесно се дијагностицира?
Дијагнозата се прави многу едноставно, со таканаречени алерго-тестови на кожата, кога амброзискиот полен се нанесува на кожата, а алергиската реакција се забележува на кожата. Ако црвенилото е поизразено и има појава на чешање (медицинска терминологија пруритус), тогаш постои јасна алергиска реакција и дијагнозата може да биде поставена. Постојат и серолошки тестови, односно титрација на индивидуални антитела кои се земаат од крвта на детето, но тие ретко се изведуваат во секојдневната клиничка пракса.
Како може да се третира алергијата
Современите принципи на третман на алергиска болест ставаат акцент на употребата на лекови кои не ги маскираат симптомите на алергија, но имаат антиинфламаторно (антивоспалително) дејство, имајќи предвид дека основата на алергијата е посебен имунолошки воспалителен процес. Важно е да се напомене дека превентивната терапија треба да започне уште на самиот почеток на цветање на амброзијата, или најмалку 7 дена порано, т.е. додека проблемите сè уште не излегле на површина. Ако дури и навременото давање превентивни лекови не доведе до целосна контрола на симптомите, тогаш прашајте за можностите на имунотерапија или „хипосензитизација“ за поленот од амброзија, за подобрување на контролата на болеста.
Во олеснување на симптомите и спречување сериозни манифестации најдобра комбинација на превентивни мерки се лековите (антихистаминици). Понекогаш е потребен и третман со кортикостероиди, кои се дадени во форма на таблети или пумпички за инхалација. Исто така, различни препарати базирани на полен може да се користат за терапевтски цели. Поточно, поленот како фармацевтска суровина се користи за производство на алергени и раствори за третирање на кивавица. Екстрактите од полен содржат фракции на полен кои се растворливи во вода и кои дејствуваат како алергиски десензибилизатори.
912