Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Со секое движење се зацврстуваат постојните и се воспоставуваат нови врски помеѓу невроните

Иако во моментот на раѓање мозокот не е сосема развиен, бебињата се раѓаат со комплетен сет од неврони што се спремни да бидат стимулирани. Како реакција на соодветно стимулирање се случува умрежување или воспоставување врски помеѓу невроните низ целиот мозок. Оваа мрежа е база врз која се засноваат сите видови учења во текот на животот, а за нејзино адекватно создавање придонесуваат правилната исхрана, доволното количество кислород, сензорната стимулација и непресушниот извор на слободни движења.

Повеќе движење – посолидна база за учење

Невроните се распоредени во различни регии во мозокот, а интересно е тоа што региите што се одговорни за движење се истите регии што се одговорни за вишите психички процеси (анализа, проценување, творење, логичко размислување, расудување, критичко размислување и решавање проблеми). Затоа на децата треба да им се овозможи да имаат слободна игра и моторни активности бидејќи со секое движење, промена на положбата на телото, одржување рамнотежа итн. се зацврстуваат постојните и се воспоставуваат нови врски помеѓу невроните во овие регии. Или со други зборови, повеќе движење – посолидна база за учење.

Како ги примаме информациите, како се интегрираат и каде се складираат за да го олеснат нашето секојдневно функционирање?

Информациите ги примаме преку сетилата, а се складираат во различни регии во мозокот и тоа:
– Во окципиталниот лобус (задниот дел, тилот) се складираат визуелни информации од типот облик, бои, а тука е и центарот кој е одговорен за поврзување на претходно примена информација со информација што во моментот се прима.
– Во темпоралниот лобус (страничниот дел) се чуваат информации поврзани со звукот, ритамот, толкување на говорот, разликување високи од ниски тонови. Оваа регија е одговорна и за информациите поврзани со осетот за мирис.
– Париеталниот лобус (горниот, темениот дел) е одговорен за информациите поврзани со допир, притисок, болка, чувство за рамнотежа, уочување на меѓусебниот однос на предметите во просторот, текстура на предметите, положбата на предметите во околината во однос на сопственото тело. Исто така, се складираат информации за различните вкусови.
– Фронталниот лобус (предниот, челниот дел) е всушност регијата што ги контролира движењата на мускулите од целото тело, истражувачките движења на очите и увежбаните движења или вештините. Исто така, во оваа регија мислите се преточуваат во говор, тоа е внатрешниот говор или резонирањето кое овозможува да се развие самоконтролата, да се одложи чувството на моментално задоволство и да се направи план на однесување базиран врз она што е дотогаш научено согласно возраста (на пример, кај помалите деца научено по пат на обид и грешка итн.).
Сите овие информации стигнуваат во региите од спротивните страни на телото, тоа што е примено од левата страна на телото се складира во региите на десната хемисфера на мозокот и обратно. Тие се организирани во вид на шеми бидејќи мозокот полесно ги препознава и ги користи како такви. Важно е да се напомене дека моторното учење и мисловните процеси треба да се разгледуваат како делови од една целина. Моторните движења кои се организирани во шеми се база врз која се надградуваат психичките процеси. Секое ново учење бара претходно воспоставена моторна шема.
Во студиите што ги проучуваат развојните скалила кај бебињата забележано е дека бебето пред шестиот месец интензивно прави повторувачки движења со рацете, за по десетина дена да почне да брбори. Во моментот кога почнува брборењето, интензитетот на овие движења со рацете се намалува. Која би била поврзаноста тука? Двете активности му овозможуваат на бебето да види што ќе се случи со повторување на иста активност, се навикнуваат на движењата на своето тело и на звуците што сами ги испуштаат. Исто така, тие учат дека една активност што ја повторуваат доведува до друга, нова активност.

Новите работи го будат мозокот, но повторувањето е тоа што ја создава невралната мрежа.

Од самото раѓање бебињата прават одредени движења: мрдаат со главата кога плачат во знак на негодување, кога им се јаде или бараат внимание, мрдаат со рацете и нозете кога се радуваат. Едно од првите движења што треба да го усовршат е подигањето на главата додека лежат на стомак. Понатаму, со тек на време следуваат и вртење до страна, тркалање, пуштање на рачиња за да посегнат по нешто, ползење, исправање, балансирање, одење, стоење со главата надолу, качување, шутирање топка, фрлање предмети, скокање на две и една нога итн.
Меѓу најзначајните движења е движењето со преминување преку средната линија, или вкрстеното движење. Овој тип на движење бара употреба на двете раце во ниво на замислената линија која поминува по средината на телото од главата кон стапалата, со можност, на пример, едната рака да премине координирано на спротивната половина. Тој процес го следат насочени движења од двете очи, активно билатерално слушање, активирање на сите постурални мускули за телото да се одржи во рамнотежа и сето тоа со цел, на пример, бебето активно да си игра со својата тропалка. Активирањето на сите овие процеси доведува до воспоставување врски помеѓу невроните во двете хемисфери и во тој момент corpus calosum, кој е врска и координатор помеѓу хемисферите, целосно се развива. Со активирањето на двете хемисфери и сите четири лобуси, когнитивните функции се подигаат на повисоко ниво и се олеснува самиот процес на учење.

Нови информации

Со тек на време, со секое наредно повторување на движењата, нервните врски стануваат покомплексни, детето веќе изнаоѓа алтернативни и разновидни начини да изврши некое целисходно движење, односно играта му станува поразновидна.

Први сензорни системи што созреваат се вестибуларниот систем (внатрешното уво) и церебеларниот систем (одговорен за моториката). Во внатрешното уво има полукружни каналчиња кои примаат информации за положбата во која се наоѓа телото (информации од трите оски – хоризонтална, вертикална и дијагонална). Овие информации одат до церебеларниот систем и оттаму до сензорните регии во кората на големиот мозок и со таквото поврзување се прави една комплетна слика за тоа во која положба е телото, какво движење треба да направи за да ја одржи положбата или да ја промени во зависност од ситуацијата. Оваа поврзаност е клучна за системот за внимание, кој е одговорен да ги прими информациите од околината. Адекватните врски понатаму овозможуваат да се одржи рамнотежата, да се преточат мислите во акција и да се координираат движењата. Тука се гледа големата улога на детските игралишта во најраната детска возраст. Тие се конструирани така што детето безбедно да може да изведува движења и да го поставува телото во најразлични положби (лулање, качување и симнување, вртење, стоење наопаку итн.). Со секоја промена на положбата се внесуваат нови информации преку вестибуларниот систем и се прават нови врски со сите претходно опишани регии во мозокот. А бидејќи региите одговорни за движење се исто така одговорни и за учење, оваа игра на детето му создава база за стекнување знаења и вештини понатаму.

Истражувачките движења на очите

Од големо значење се и истражувачките движења на очите на детето додека игра во просторот. Информациите што притоа ги прима се тродимензионални и имаат улога во развивањето на просторната перцепција. Токму тие имаат стимулативно дејство врз фронталната регија и создавањето јасни мисли. Овој ефект го немаат дводимензионалните слики бидејќи тогаш очите се движат само во две димензии, горе-долу и лево-десно. Во ова се состои важноста од ограничување на времето поминато пред ТВ, таблет, смартфон итн. и наспроти тоа, создавање услови за слободно движење и игра во просторот.

Каква улога има допирот?

Бидејќи бебињата се раѓаат со целосна опрема за стимулација, сè што треба возрасните да направат е да обезбедат средински услови за нивно стимулирање.
Тоа подразбира подготовка на средината во која престојува бебето со цел да му се обезбеди мултисензорна стимулација, или истовремено активирање на повеќе сетила. Како бебето стекнува искуства, така доаѓа до комбинирање на сликите (бои, облици, текстури) од окципиталната регија, звуците и зборовите од темпоралната и фронталната регија итн. Или колку повеќе регии се стимулирани во процесот на учење, толку ќе бидат примените информации поинтегрирани, потрајни и спремни за користење во наредните активности.
За зголемување на квалитетот на стимулирање голема улога игра допирот зашто се активира и париеталната регија и се создава покомплексна неврална мрежа. За секоја развојна возраст постојат соодветни предмети што се безбедни за бебето (детето) да ги држи, допира и манипулира со нив, да ги истражува и комбинира, а со тоа да стекнува искуства или да учи преку игра.

Тоа што нè тера да се движиме, нè тера и да учиме

Затоа правило број еден во мојата пракса е колку што е можно подолго време бебињата и малите деца да поминуваат на под. Тенка подлога за заштита и безбедни играчки се стартен пакет за стимулација, или покренувачи на спрегата движење-учење. На подот, каде што гравитацијата е најблиску до 100% (мало амортизирање прави тенката подлога), бебето мора само да се организира за да стигне до одредена цел. На пример, за да стигне до некоја интересна играчка, со живи бои и која испушта звуци ако се помести, тоа мора да го насочи погледот, да ги слушне звуците (мама ја движи играчката да испушти звук) и потоа откако вниманието му е привлечено, следуваат моторните шеми кои ги повикува од меморија за да се заврти, да посегне по играчката, да пробува да најде начини да се доближи до неа, ако е подалеку. Крајното задоволство, стигнувањето до играчката, е резултатот на овој процес на движење и учење, а истовремено е и темел за понатамошната позитивна развојна динамика. Со секој нареден пат бебето е сè посигурно и повешто во стигнувањето до својата цел, дури и испробува други алтернативни патишта како да стигне до неа (побрзо се завртува, полесно се придвижува, удира со рацете играчката да се преврти и да падне накај него, ја тегне подлогата и сл.).
Активно дете = паметно дете, а изморено и среќно семејство!



912

X