Прашањето што со години им се поставува на мајките кои работат е: „Како ги балансирате кариерата и мајчинството?“

На ова прашање не постои точен одговор, но актерката и мајка на две деца – Кира Најтли признава дека постојано има чувство на вина  кога е отсутна од дома, кога е оддалечена од нејзините 2 ќерки Еди (5) и Делајла (1), кои ги има од бракот со музичарот Џејмс Рајтон.

Актерката истакнува дека на мажите би требало да им се постави истото прашање – дали и нив ги гризе совеста. „Зошто не ги вклучиме и мажите во тој разговор“, упорно се прашува актерката. „Зошто не очекуваме мажот да се грижи за своите деца исто како што тоа го прави и мајката? Зошто се смета дека мажите не се чувствуваат виновни поради времето што не го поминале со своите деца?“

Уверувањето дека жените треба да им се предадат на децата, додека мажите ѝ се предаваат на својата кариера во најмала рака е архаично. И покрај своите патријархални корени, Најтли мисли дека жените придонесуваат кон проблемот кога упатуваат пофалби кон мажите што мал дел од своето време му го посветиле на семејството, додека мајката тоа го извршува секојдневно.

„Навистина е ретко да се види маж во градинка кој го чека своето дете, а доколку го видат, луѓето велат: Ах, тој е прекрасен татко. Погледнете како се грижи за СОПСТВЕНОТО дете“, вели Најтли. „Тоа никогаш не би ѝ го рекле на жена“.

„Навистина мораме да почнеме да ја нагласуваме улогата на мажот во воспитувањето и грижата за детето, да се запрашаме колкава е неговата одговорност и дали ја презема“, продолжила актерката. „Очекуваме од жените да ја преземат целата одговорност, а повторно од некоја причина им даваме на мажите бесплатна пропусница да прават што сакаат“.

фотоизвор: Armando Gallo / Zuma Press / eye/ Financial Times

Холивудската актерка ја истакнува важноста на родовата дискриминација, како и тоа дека на жените им се припишуваат одредени неправди. Иако живееме во 21 век, и понатаму жената во општеството се претставува сексистички и се објективизира. Кира истакнува дека жените мора да се борат против тие неправди, како и дека мора да го кажат и изнесат во јавност сето она што им пречи, а се однесува на таа нерамноправност. Денес состојбата е многу подобра отколку пред неколку децении, кога жените биле мета на дискриминација, а актерката на тоа додава: „Дозволено ми е да бидам повеќе од своето лице, повеќе од своето тело или овие многу тенки дефиниции на убавина. Дозволено ми е да чувствувам. Сè уште живееме во свет во кој манекенството е единствена професија во која жените се поплатени од мажите“.

„Мора да продолжите да зборувате, да протестирате, а можеби мора да применувате и граѓанска непослушност за повеќето луѓе да ги запознаете со причините и последиците од неправдите кон жените. Често мислам дека сите се чувствуваме како да сме многу мал дел од светот – и се разбира дека сме, но можеби и вие можете да се му приклучите на друго лице и да направите нешто навистина неверојатно“, вели Кира. Актерката со ова испратила многу силна порака за поддршка на сите жени.

Извор



912

X