Воспитување

Ако во текот на разговорот не го почитувате своето дете, „ќе ви се врати топката“

Како што на децата им се развива способноста да се изразуваат, а тоа е околу 5-тата година од животот, така имаат сѐ поголема потреба да ги изразат своите ставови, и тоа јасно и гласно. Воедно, тоа е и начинот на кој ги остваруваат социјалните контакти и ги запознаваат границите до кои може да одат во комуникацијата со врсниците, но и со авторитетите, па така и со родителите. Има многу причини поради кои децата „одговараат“. Тоа може да ги доведе родителите до лудило, особено ако имале лош ден на работа.

Колку и да не сакате да го слушнете тоа, фазата кога децата им „одговараат“ на родителите или старателите е сосема нормална. Да, тие превртуваат со очите, одбиваат да го направат она што од нив се бара или нивниот збор мора да биде последен. Со тоа се обидуваат да ја покажат својата независност и иако не е убаво така да разговараат со вас, ако децата не ги поместуваат границите, тогаш не знаат што од нив се очекува и колку навистина имаат слобода. Родителите мора да ги научат децата што е примерно однесување, а што не е. Додека се обидуваат да станат независни, децата „одговараат“ за да ја изразат својата лутина или фрустрација бидејќи чувствуваат дека на некој начин ја загрозувате нивната независност и слобода. Но, освен независност, со безобразното одговарање сакаат да го привлечат вашето внимание. Еве како можете да спречите вакви ситуации:

Бидете свесни како разговарате со детето

Како што детето го копира она што секојдневно го гледа, ќе го копира и начинот на кој вие разговарате со партнерот или со него. Ако во текот на разговорот не го почитувате своето дете, буквално „ќе ви се врати топката“. Анализирајте ги разговорите што довеле до тоа детето да ви „одговара безобразно“. Кај разговорот е важен ставот, а можеби ставот е тој што го поттикнува вашето дете на безобразлук.

Поминувајте време заедно

Можеби вашето дете има потреба да поминува некое време со вас и на овој начин ви го покажува своето незадоволство. Одвојте време за заеднички, забавни активности. Запомнете, не е важно колку сте временски со детето, туку на кој начин го поминувате тоа време.

Разговарајте за емоциите

Дури и кога со детето ќе започнете разговор за неговото непримерно однесување, дозволете му да каже што го мачи и како се чувствува. Бидете оној што слуша, на тој начин вашето дете ќе сфати дека сте му поддршка и дека ве интересираат неговите чувства.

Немојте да дозволите ситуацијата да ескалира

На родителите може да им биде тешко да ја задржат ладнокрвноста кога децата отворено не ги почитуваат. Но, секој родител што влегол во жестока кавга со своето дете брзо сфаќа дека тоа нема да ја подобри ситуацијата. Во речиси сите случаи само ја влошува.

Ако не можете поинаку, добро отстранете се од ситуација

Не е добро детето да забележи дека немате контрола над своите емоции. Во тој случај, подобро е да се тргнете од ситуацијата и решавањето на проблемите да се одложи за подоцна, кога страстите ќе се смират. На тој начин ќе му покажете на детето дека е нормално да чувствува лутина, но и дека е доблест да знае да ја контролира.

Автор: Звјездана Бубњар

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top