Малку родители ќе успеат да одолеат на притисокот од нивното дете кое инсистира да го добие првиот паметен телефон. Без разлика дали причината е тоа што „секој има, само јас немам“ (што ретко е целосна вистина) или дека на детето објективно му треба телефонот за да ги следи информациите од наставникот, сепак обидете се да воспоставите правила. И инсистирајте на нивно почитување.
Ви ги предлагаме овие 10 правила до кои треба да се придржувате, како основа за здрава употреба на технологија во вашето семејство:
Технологијата е привилегија, а не право.
Иако правата на децата се важни, ние мора многу јасно да ги разликуваме од нивните привилегии. Детето има право да биде лекувано, да се образова, да биде почитувано и да го изразува своето мислење. Има многу други права, но правото на поседување паметен телефон не е едно од нив. Тоа е привилегија што родителите можат да изберат да му ја дозволат или да му ја скратат на детето.
Ако нешто не би му кажале некому в лице, не кажувајте го ни онлајн.
Интернетот донесе многу поголема слобода во изразувањето. Но, таа слобода многу често е погрешно сфатена, па дури и злоупотребена во тинејџерските денови. А многу е полесно да се напише на тастатура злонамерен коментар отколку да се каже нешто в лице. Затоа, повторувајте често и научете го вашето дете – кога ќе напише коментар или порака, пред да ја испрати, нека се запраша: дали би го кажал ова ако личноста за која е наменето е пред мене?
Ништо што веќе ќе се објави на интернет, никогаш не може целосно да се избрише.
Дури и ако се премислите и избришете фотографија или видео што сте го објавиле, знајте дека има големи шанси некој веќе да го зачувал тоа. А и да не зачувано, сепак, тие податоци се складирани некаде и зачувани, па ќе продолжат да постојат.
Луѓето и односите со нив се многу поважни од технологијата.
Ова звучи како нешто што е сосема бесмислено да се објаснува. Па, тоа се подразбира. Но, не е баш така. Пред неколку дена една познајничка ми покажа камера поставена во нејзиниот стан која ги снима нејзините деца со другарите кои во тој момент дошле да ги посетат. Десетина тинејџери седеа на голема аголна гарнитура и зјапаа во своите телефони. Без никаков контакт. Ова е она што сакаме да го спречиме.
Ако другите деца се насилни кон некого, најдете возрасно лице на кое му верувате и кажете му.
Онлајн насилството е многу сериозна работа. Зарем не сме прочитале многу пати дека некој си го одзел животот поради грди коментари на мрежите, со кои не можел да се справи. Научете го детето да не ги затвора очите.

Нема телефони додека се руча, ниту зад затворени врати.
Оброкот е време за семејството и нема преговори или исклучоци во врска со тоа. А затворени врати? Долго време треба да имате контрола врз тоа што прави вашето дете кога е во виртуелниот свет. Затоа што одлуките што ги носат децата ретко се резултат на размислување, а честопати едноставно се импулси. А тоа може да има сериозни последици, доколку го оставите детето само со телефонот в раце, зад затворена врата.
Домашните задачи се поважни од уредите.
Родителите кои им дозволуваат на своите деца да играат игри со часови пред да го наместат креветот и да ја завршат домашната задача прават многу лоша работа. Немојте да го дозволите тоа.
Родителите треба да ги имаат сите шифри, барем до 16 години.
Не, тоа не е нарушување на приватноста на детето. Тоа е РОДИТЕЛСТВО.
Кога се оди на спиење, сите екрани остануваат во дневната соба.
Ова е можеби најважното правило. Екраните пред спиење не прават ништо добро. Го нарушуваат сонот, ги прават децата понервозни, негативно влијаат врз концентрацијата и развојот на мозокот. Ако сте одговорен родител и го сакате најдоброто за вашето дете, ќе бидете упорни во вашата одлука да НЕМА ЕКРАНИ КОГА СЕ ОДИ НА СПИЕЊЕ.
Кои се вашите правила кога станува збор за користењето технологија?