Воспитување

Ако вашето дете сè уште нема една година, треба да го знаете ова

Родителите чии деца имаат околу една година многу добро знаат што значи да се биде постојано во движење. Првите 12 месеци од животот на детето ги карактеризира интензивниот раст и развој, што може да биде предизвик.

Децата на возраст до една година сакаат што повеќе да истражуваат и постојано учат нови работи.
Како што вашето дете се развива и расте, така неговите дневни потреби и активности се менуваат, а со самото тоа се менува и вашата рутина. Во овој мал водич ви откриваме што можете да очекувате кога се во прашање исхраната, спиењето, забавувањето на детето и уште многу други работи додека е на возраст од една година.

Просечен ден на детето

Децата на оваа возраст сакаат да ги испитуваат своите нови физички вештини. Тоа најчесто вклучува истражување, качување и игра што трае со часови. Нивната дневна рутина се врти околу хранење, спиење, игри и менување пелени. Повеќето деца до една година сакаат да собираат различни предмети на кои наидуваат, да прелеваат вода од еден сад во друг и да играат едноставни игри како криенка.

Исхрана

Бројот на калории потребен на малите деца до една година зависи од индивидуалните потреби на секое дете, здравствената состојба и телесната активност. Најчесто тоа е помеѓу 900 и 1200 калории дневно. На повеќето деца до една година им требаат околу 1000 калории дневно, а тие може да се поделат на 3 главни оброци и 2 меѓуоброци.
Имајте на ум дека правилниот распоред на хранење во овој период е речиси невозможно да се примени. Некои денови децата ќе ги внесат потребните калории во текот на појадокот, па до вечера нема да бидат гладни. Други денови ќе биде спротивно. Иако ова може да биде многу фрустрирачко за мајките, важно е да се знае дека тоа се нормални обрасци на хранење во овој период.

3 корисни совети кога се работи за исхраната на децата до една година:

1. Избегнувајте да му давате сокови на детето бидејќи повеќето од нив имаат многу калории и шеќер. Подобро дајте им вода или природен сок.

2. Во ред е детето 2 до 3 пати дневно да јаде грицки, но внимавајте тоа да бидат здрави грицки.

3. Ако вашето дете не сака да проба некоја нова намирница, не грижете се, сосема е нормално децата на таа возраст да се пребирливи. Немојте да го присилувате детето да јаде намирници што не му одговараат и немојте да го казнувате поради тоа.

Физичка активност и учење на децата

Во овој период на децата им се потребни најмалку 30 минути планирани физички активности, како и час или повеќе непланирани активности. Тие активности може да бидат едноставни, како игра во парк или прошетка. Планираната физичка активност помага во понатамошниот развој на моторичките способности, го олеснува учењето на таа возраст за важните концепти, како бои и бројки, помага во изострувањето на вештините како решавање проблеми, развој на критичко размислување, креативност и други вештини.

Различните активности, групни или индивидуални, се одличен начин на кој ќе го поттикнете вашето дете да усвои нови вештини, да го исполни своето време, ќе ги поттикнете моторичките способности и когнитивниот развој на детето.

Задачи за детето

Откако ќе се разбуди до моментот кога повторно ќе оди на спиење вашето дете ќе сака што повеќе време да помине во ваша близина. Затоа е важно да го вклучите во активностите што ги извршувате. Работата за децата во овој период се состои од собирање на играчките или враќање на сликовниците на полицата. Децата на оваа возраст ги имитираат своите родители, кога, на пример, чистат, па можете на детето да му дадете играчка во форма на метла за да ви помогне.

Развивање говорни вештини кај децата

Разговорот со децата е клучен за развивање подобри говорни вештини. Во текот на разговорот користете описни зборови кои се однесуваат на боја, форма или големина на играчката, односно предметот за кој разговарате.

Одење на лекар со детето

Вообичаените здравствени тегоби кај помалите деца се воспаление на увото, настинка и проблеми со кожата. Ако имате недоумица поврзана со развојот, загрижени сте поради навиките за спиењето, исхраната или пак вашето дете има проблеми со однесувањето, разговарајте со педијатарот. Притоа, кажете му ги сите промени што се случиле во животот на детето. Тоа може да биде преселба, ваше враќање на работа или пак нова личност во животот на детето.

Одвикнување од пелени

Педијатарот, исто така, може да ви помогне со совети за одвикнување од пелени и да посочи кога е најдобро време да се направи тоа. Одвикнувањето од пелените е важна промена во животот на секое дете, но и за родителите, па затоа може да биде вистински предизвик. Постојат методи за одвикнување од пелени кои ветуваат резултати, но повеќето од нив не функционираат ако вашето дете не е подготвено. Токму затоа треба да почнете со одвикнување  кога и вие и вашето дете целосно ќе бидете подготвени за тоа, па не форсирајте го одвикнувањето.

Апликации за деца

Порано експертите предупредувале дека децата помали од 2 години не смеат да бидат изложени на екраните. Меѓутоа, предупредувањата се променија откако се присутни сè повеќе апликации и страници наменети токму за најмладите деца, па денес технологијата може да се користи како одлично средство за поттикнување на процесот на учење. На возраст до една година детето формира невронски патишта кои ќе му помогнат да го сфати и да го разбере светот. Се разбира, времето за престој пред екраните треба да се ограничи и да се постават правила околу користењето на технологијата. Здравиот начин на користење на дигиталните уреди вклучува користење апликации наменети на деца со чија помош тие ќе учат, ќе ги развиваат моторичките способности, способноста за решавање проблеми, но и ќе усвојуваат јазични вештини.

Апликации за мајки

Иако мајките можат сè и не постои предизвик со кој не можат да се соочат, понекогаш им е потребна мала помош. Затоа постојат низа апликации кои на мајките им го олеснуваат секојдневието, како оние со чија помош може да го следат развојот на своето дете, да ги запишуваат термините за одење на педијатар, да го следат распоредот на спиење и хранење. Исто така, корисни ќе ви бидат и апликациите што содржат песнички и смирувачки звуци кои ќе ви се најдат при заспивање на бебето. Не треба сè да помните или да запишувате, пронајдете апликација која одговара на вашите потреби и за сето она што ви е потребно, а е поврзано со растот и развојот на вашето малечко.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top