Воспитување

Ако вашето дете го прави ова, тогаш секоја чест!

Ако децата ја засакаат книгата од најрана возраст, тогаш сте поставиле одлична основа, подарувајќи им цели нови светови што се кријат помеѓу кориците. Еве како да знаете дали воспитувате и подигнувате љубител на пишаниот збор.

Детето ужива кога му читате

Многу родители уживаат во времето поминато додека им читаат на децата и се радуваат на тоа со причина, бидејќи читањето е една од најзначајните работи што можете да ги правите со децата. Можеби ќе ви биде чудно да го правите тоа, особено ако самите немате навика да читате, но кога ќе имате дете, потрудете се. Најдете начин да уживате во тоа и вие и вашето дете.

Користи книги за да учи

Првиот пат кога детето ќе ви донесе сликовница, покажувајќи со прст некоја илустрација и барајќи да му кажете што е на сликата, славете! Навистина. Истражување спроведено од Универзитетот „Корнел“ докажало дека учењето по модел на „именување предмети“ има огромно значење за формирање на речникот на сосема мали деца. Книгите се најмоќното оружје што ви е на располагање.

Детето ви носи книги и бара да му читате

Имате работа преку глава, секако, како и сите родители. Работа, домашни обврски, купување, перење, пеглање… Но кога детето ќе ви пријде носејќи книга в рака, оставете сѐ што правите и читајте му. Ниедна друга работа не е поважна од тоа.

Детето само ужива во книгите

Кога детето ќе започне да се „занимава“ со книгите, дури и ако не знае да чита, имате сигурен знак дека сте на добар пат. Првиот пат кога ќе го затекнете детето како само ја прелистува сликовницата или си раскажува своја, измислена приказна – радувајте се. И покажете му колку сте среќни и горди. Децата учат низ игра, а кога играат со читање, прават важен чекор кон тоа еден ден да станат сериозни читатели.

Детето ги препознава буквите и зборовите

Ако детето ве прашува која е оваа буква кога поминувате покрај некој излог, радувајте се и секогаш одговарајте му. Колку и да брзате, колку и да сте уморни.
Кога децата ќе почнат да забележуваат букви и натписи во опкружувањето, тоа е важен чекор кон препознавањето и во книгите.
Обрнете внимание и секогаш имајте трпение, тоа е една од најважните работи што можете да ги направите за вашето дете.

Бајката пред спиење е најдобриот начин за подготовка на детето в кревет

Ако на детето му читате наглас, тогаш му овозможувате јазикот да го доживее на еден нов, посебен начин, различен од секојдневниот. Освен тоа, читањето кај децата развива чувство за приказна.
Читањето создава посебна врска помеѓу детето и личноста што му чита, а сеќавањето на тој ритуал подоцна во животот станува прекрасен извор на топлина и нежност.
Читајте му на вашето дете секој ден, читајте му дури и ако имате само пет минути. Тоа е одличен воспитен модел. Имајте предвид дека малите деца сакаат рутина, така што однапред ќе се радуваат во уживањето во бајките во ваша прегратка. Можете и да изберете „посебно место“ за читање.
Оставете го детето само да ја избере книгата, но погрижете се секогаш да ја завршите онаа што сте ја започнале.

„Менувајте го“ гласот, да одговара на карактерот на јунакот во приказната

Важно е да не читате многу брзо за детето да ја следи приказната. Ако наидете на збор што не му е познат на детето, потрудете се да му кажете што значи.
Кога ќе завршите со читањето, разговарајте за книгата. Повторно погледнете ги илустрациите, оставете го детето да ви раскаже како ја доживеало приказната. Нека ви каже што научило, што му било смешно, што му било најубаво.
Ако им читате на децата, ќе ги „заразите“ и ќе ги претворите во доживотни читатели, а тоа е најубавиот подарок што можете да им го дадете.
Без оглед на тоа колку е мало, читајте му. И ако не разбира ништо, читајте му. Кога ќе порасне и ќе може само да чита, и тогаш читајте му затоа што овие драгоцени моменти ќе бидат можност да ужива во вашата топлина, вашиот глас, дикција и мајчиниот јазик. И затоа што, ако некогаш му биде тешко, ќе може да се потсети на тоа чувство на сигурност во вечерите обоени со гласот на мама и тато.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top