Наутро, пред децата да одат на училиште или во градинка, ситуацијата во повеќето домови може да биде хаотична. И колку и да се трудите да станете навреме, децата да станат навреме, за да нема изненадувања во последен момент, можеби не е лошо да размислите за промена на приоритетите.

Како што полека се навикнав на улогата на родител, воведов и утринска рутина која функционира доста добро, иако има денови кога ништо не помага. Но, мојот фокус повеќе не е да направам сè да биде совршено. И всушност тоа е тајната. Мојот фокус повеќе не е да се осигурам дека нивната коса е совршена, облеката им одговара на чевлите, ранците им се уредно спакувани. Иако и тоа е делумно дел од рутината, веќе не е најважната работа.

Кога го праќаш детето во градинка или на училиште, го пушташ од дома 6-8 часа. Местото каде што ќе оди може да биде поволно за него, можеби не. Можеби ќе доживее расправија, неправда, лоши зборови. Сето ова е составен дел од животот. Но, само затоа што не можете да контролирате што се случува откако вашето дете ќе помине низ вратите на училиштето или градинката, не значи дека не можете да го подготвите за тоа.

Моето правило

За мене, најважно е да се погрижам моите деца да имаат добро утро, за кое ќе можат да се „држат“ во текот на денот. Ова не значи дека станувам во 5 часот наутро за да подготвам проекти за диносауруси и Елза. Тоа се малите нешта. На пример, секогаш ги будам со насмевка, пуштам убава музика во дневната соба или потпевнувам додека им приготвувам појадок. Сакам да се чувствуваат сакани и безбедни пред да им започне денот на училиште. На тој начин, доколку тој ден е стресен или тежок, ќе можат да се чувствуваат подобро бидејќи знаат дека кога ќе дојдат дома, работите ќе бидат полесни.

Не, не е секогаш лесно. Понекогаш сум нервозна. Понекогаш децата се нервозни. Има и такви утра кога сè оди наопаку. Но, особено во тие денови, се трудам уште помалку да правам тензии. Јас сум човек и ако кажам дека секое утро е совршено и дека без исклучок успевам да бидам насмеана и позитивна и да потпевнувам, ќе излажам. Но, малите напори и трудот да го правам тоа што почесто се доволни за да видам промена кај моите деца.

Бидете нивниот внатрешен глас

Запомнете дека вие сте внатрешниот глас на вашето дете. Во текот на целиот ден.

Ако цело утро им викате да побрзаат, да се облечат побрзо, веднаш да ги измијат забите, да прават вака или онака, тие ќе го носат со себе цел ден. Секако дека ќе треба да брзате со нив, но начинот на кој го правите тоа ја поставува „сцената“ за целиот нивен ден. Затоа што утрото и енергијата со која го започнуваме често го одредува текот на целиот ден. Затоа, обидете се да одржите позитивен став во текот на утрото и испратете ги децата на училиште со насмевка што ќе можат да ја паметат доколку имаат тежок ден.

Извор



912

X