Додека жените долго време знаат за опасностите од пушење во текот на бременоста, изложеноста на никотин кај мажите може да доведе до когнитивни дефицити кај нивните деца и внуци, откриваат истражувачите.

Резултатите од истражувањето покажале дека иако татковците покажуваат нормални тенденции во однесувањето кога станува збор за изложувањето на никотин, нивните машки и женски потомци покажале хиперактивност, дефицит на внимание и когнитивна нефлексибилност.

– Докторите не ги предупредуваат мажите дека ако пушат, тоа може да им наштети на нивното неродено дете, дури и ако мајката никогаш не пушела. Верувам дека нашето истражување го носи ова во прв план – вели Прадип Бхиде, професор на Државниот универзитет во Флорида, САД.

– Нашите податоци ја зголемуваат можноста дека некои од когнитивните недостатоци пронајдени во денешната генерација на деца и возрасни може да се припишат на негативните еколошки елементи што ги претрпеле една или две генерации – додава тој.

При истражувањето неколку машки глувци биле изложени на ниски дози на никотин преку водата за пиење додека произведувале сперматозоиди. Машките глувци изложени на никотин покажале значително зголемување во спонтаната локомоторна активност. Овие глувци покажале и значителни дефицити на вниманието. Освен тоа, истражувањето открило дека промените во спермата на таткото што бил изложен на никотин довеле до проблеми во гените што имаат улога во меморијата и учењето. Се верува дека овие епигенски промени се привремени, иако некои би можеле да бидат долготрајни.

– Во анализата на сперматозоидите од таткото пронајдовме повеќе гени со епигенски промени. Ова го вклучува генот на допамин Д2, кој има важна улога во развојот на мозокот. Ова е веројатно извор за когнитивните дефицити пронајдени кај нивните потомци – велат истражувачите.



912

X