Повеќето бремени жени се подготвуваат за породувањето и доаѓање на бебето. Само неколку се подготвуваат за периодот по породувањето. Денес, повеќе од кога било, идните мајки разбираат зошто е исклучително важно нивното семејство да се подготви и за постпородилниот период. Оние што не го разбираат ова, потешко ќе го разберат, по неколку дена поминати дома. Ако добро сте ги испланирале одговорностите и задачите на членовите на вашето семејство, и своите, во постпородилниот период ќе бидете помалку под стрес и помалку вознемирени, особено кога ќе останете сами со бебето.

Планирањето ќе ви помогне да се чувствувате побезбедни и полесно да закрепнете откако ќе се вратите дома со новороденчето. Планот ви гарантира успех во следните неколку месеци, особено кога, на пример, сопругот се враќа на работа, а мајка ви се враќа дома. Важно е добро да се подготвите за овој период бидејќи ќе бидете сами, а со тоа и најранливи и склони кон развој на постпородилна анксиозност или депресија.

Како да се подготвите за закрепнување по породувањето?

Колку е поблиску датумот на породување, полека почнете да го подготвувате планот за постпородилниот период. Ви пренесуваме неколку идеи за да почнете.

Изградете мрежа за поддршка

Најважниот дел од планот за закрепнување по породувањето е да си обезбедите поддршка. Без разлика дали тоа ќе биде вашиот партнер, дали вашата мајка ќе дојде на помош или ќе треба да ангажирате некој што ќе ви помогне, добро е да го испланирате ова однапред. Затоа што додека цел ден ќе се грижите за бебето, ќе го храните, ќе му менувате пелени, исцрпени од породувањето, некој мора да се грижи и за вас.

Пригответе оброци однапред

Некои жени имаат среќа што нивните мајки им доаѓаат на помош по породувањето, па затоа не мора да се грижат за подготовката на оброците.

Но, дури и ако дојде вашата мајка, таа нема да остане со вас засекогаш, па можеби понатаму ќе бидете исцрпени и во неволја: како и кога да најдете време за готвење. Многу жени во вакви ситуации посегнуваат по нездрава храна: грицки, сендвичи и слично. Едно од практичните решенија препорачани за новите мајки е однапред да подготвуваат оброци и да ги замрзнуваат. Во периодот кога закрепнувате од породувањето, кога спиете помалку и постојано чувствувате глад, важно е да имате готова здрава храна.

Здрави грицки

Исто така, секогаш имајте резерви од овошје и зеленчук. Бананите и портокалите се одлични бидејќи содржат многу калиум и витамин Це, кои ќе ви дадат енергија и не бараат многу подготовка. Исечете други овошја и зеленчуци, како што се јагоди, дињи, пиперки, за да можете да ги грицкате или да ги додадете во смути.

Исто така, размислете за мали оброци за салата со дополнителни протеини, како сирење, јајца, итн. Земете и здрави барови. Не купувајте преработени, бидејќи содржат многу шеќер што ќе ве држи будни кога е време за одмор.

Испорака на оброк

Една опција е да не готвите, туку да се договорите со членовите на семејството и пријателите да ви доставуваат оброци одреден период. Направете план што сакате да јадете, а тие нека го споделат и нека се договорат кој ќе готви во кој ден.

Поделба на работата

Кога ќе се вратите дома, никој нема да очекува веднаш да ја земете правосмукалката. Но, вистината е дека ако немате помош дома, на крајот ќе мора сами да ги извршувате домашните работи… Ако ништо друго, ќе мора да ја перете и пеглате облеката на вашето бебе.

Затоа, би било добро да имате план и однапред да разговарате со партнерот за поделбата на домашните работи кога ќе пристигне бебето.

Не занемарувајте го вашето ментално здравје

Жените често го занемаруваат своето ментално здравје по породувањето, што е погрешно ако знаеме дека хормоните можат да влијаат врз вашето расположение, па колку и да сте среќни што имате бебе, исто така, можете да бидете раздразливи, нерасположени, тажни, па дури и депресивни.

Ако овие чувства траат со недели или месеци, треба да побарате стручна помош. Ова се некои знаци на кои треба да внимавате. Затоа, важно е да се обезбедат т.н. здрави ментални паузи и направете го она што ќе ви даде чувство на нормалност и сигурност, како излегување на свеж воздух, слушање музика, разговор со членовите на семејството или пријателите.

Кога правите план, добро размислете однапред за тоа како ќе се грижите за вашето ментално здравје.

Други важни работи што треба да се земат предвид

Ако веќе имате бебе, дефинитивно треба однапред да планирате кој и како ќе се грижи за тоа првите неколку месеци по раѓањето. Дали вашата мајка ќе ви помогне или детето ќе оди во градинка? Побарајте помош кога треба да ја напуштите куќата, да одите на состанок или на кафе со пријател или само треба да се наспиете.

Имајте го сето ова на ум додека го составувате вашиот план по породувањето. Кога ќе го направите тоа, ќе откриете дека новото поглавје во вашиот живот е ново позитивно искуство со кое ќе ви биде полесно да управувате бидејќи имате план.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X