Здравје

Се расправате пред децата? Најдобро веднаш престанете!

Клиничкото искуство ми покажа дека главната причина што најчесто ги предизвикува детските психолошки проблеми (освен тешката злоупотреба и малтретирањето) е расправијата меѓу родителите пред нивните деца. Како знам дека децата се емотивно вознемирени кога ги слушаат расправиите на своите родители? Едноставно: Тие ми кажуваат

На срамежливата 17-годишна Ема, која наеднаш попуштила во учењето, а била одлична ученичка со сите петки, ѝ било дијагностицирано нарушување со намалување на вниманието и хиперактивност, а требаше да се тестира и за аутизам. Кога ја прашав што е проблемот, таа веднаш ми одговори: „Моите родители постојано се расправаат. Зборуваат за развод“. „Колку време трае расправијата?“, ја прашав. „Цел живот“, ми одговори Ема.

Се заклучува во својата соба

Родителите често имаат тешкотии да ја разберат врската помеѓу нивните расправии и нарушувањето со намалување на вниманието и хиперактивност, дури и кога им кажувам дека мојата перспектива е формирана од повеќе од две децении клиничка практика.
„Постои многу поголем проблем од срамежливоста на Ема и нашите расправии. Таа има ментално растројство. Постојано се заклучува во својата соба“, вели мајката на Ема.
„Можеби се повлекува од конфликтот што ја опкружува“, ѝ реков тивко.
По четири месеци интензивно и семејно советување, што вклучуваше постојана посветеност на нејзините родители да не се расправаат пред неа, додека работевме и на нивните брачни проблеми, Ема добиваше сè подобри оценки и постигна напредок во развивањето на социјалните односи.

Срамежливите деца – почувствителни

Сега, истражувањата почнаа да ја анализираат врската меѓу родителите што се расправаат и способноста на децата да ги препознаат и процесираат емоциите.
Претходно, истражувачите откриле дека малтретирањето и запоставувањето се поврзани со промените во препознавањето на емоциите кај децата. Новото истражување, објавено на 13 март 2018 година, барало да се надградат ваквите наоди со тестирање дали изложеноста на децата на конфликт меѓу родителите е исто така поврзана со препознавање на емоциите на децата.
Истражувањето направено на 99 деца на возраст од 9 до 11 години ја сметало срамежливоста како особина на личноста. Истражувачите откриле дека дури и формите помалку сериозни од малтретирањето и запоставувањето имаат суштински импликации за обработка на емоциите, особено за децата со срамежливи особини.

Паузирајте еден месец и ќе ги видите резултатите

Водечкиот истражувач Алис Шермерхорн од Одделот за психолошки науки на Универзитетот во Вермон вели дека во споредба со злоупотребата и запоставувањето, конфликтот меѓу родителите е помалку сериозно, помалку трауматично искуство, но исто така е присутно, па затоа има импликации за поголем дел од населението.
Мојата препорака е да престанете да се расправате барем еден месец пред вашите деца. Изнесете ги аргументите надвор од домот: излезете на вечера, прошетајте низ соседството и одете на брачно советување.

Автор: д-р Мерилин Ведџ

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top