Воспитување

Ако се чувствувате одговорни зашто детето е тажно, луто, вознемирено – на погрешен пат сте

Ако верувате дека е важно и неопходно да се има контрола во животот, вие сте на одличен пат да си го загорчите животот себеси, а и на оние околу вас. Причината е прилично едноставна – целта што сте ја поставиле е недостижна. Невозможно е во секое време да знаете каде е вашиот 16-годишен син. И дури и да е можно, самата идеја е прилично застрашувачка. Не можете да имате таква контрола дури и кога детето е бебе. На пример, правите сѐ за да не плаче вашето бебе, го пресоблекувате, го храните, гушкате, нишате, му пеете, а бебето сè уште плаче. Понекогаш сè што правите ќе помогне да се смири бебето, но понекогаш тоа нема да се случи.

Зошто бебето плаче? Кој да го знае тоа! Слично е и кога станува збор за врска со постаро дете или партнер: сакате личноста што ви е важна да биде среќна и да прави сѐ во таа насока, па ја поддржувате, не се лутите, секогаш сте на располагање, упатувате пофалби со намера да ја усреќите таа личност. И таа може да биде задоволна. И потоа можеби веќе не е задоволна, а вие немате поим зошто, а сите напори да се промени тоа, односно да се задржи контролата, паѓаат во вода. Ова се случува од едноставна причина што не можеме да контролираме како другите луѓе се чувствуваат, што прават, какви се нивните верувања. Понекогаш во текот на животот ни се случуваат работи кои не сме можеле да ги предвидиме или да ги контролираме, а се многу тешки и непријатни (болести, сообраќајни незгоди, елементарни непогоди).

Дали сме сакале да се случат? Се разбира дека не. Можеме ли да ги контролираме? Често не. А ни останува само да ги прифатиме и да се приспособиме. Обидите да се контролира нешто против кое навистина не можеме да се бориме е битка која однапред е изгубена. А притоа, покрај тоа што често ги оптоваруваме другите луѓе, трошиме енергија и не успеваме да се занимаваме со она што всушност го контролираме, а тоа сме НИЕ самите и она што НИЕ го правиме.

Дали сум на погрешен пат?

-На детето му претставувате систем на вредности кој ви е важен преку сопствените постапки, однесување и разговори – НЕ сте на погрешен пат.

-Имајќи ја предвид возраста на детето, му претставувате систем на вредности што ви е важен во пристапот кон дисциплината, пофалбите и јасното и доследно поставување на границите – НЕ сте на погрешен пат.

-Како што расте детето, вие намалувате некои контролни мерки во корист на односот на меѓусебна доверба – НЕ сте на погрешен пат.

-Се обидувате да му помогнете на детето во ситуации кога се чувствува лошо – НЕ сте на погрешен пат.

-Ги преиспитувате своите постапки и верувања и понекогаш ги поправате – НЕ СТЕ на погрешен пат.

-Во текот на растењето на детето цврсто се придржувате до потребата за контрола – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Неприфатливо е детето да има тајни – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Имате стравови дека сè ќе тргне наопаку ако немате контрола врз животот на детето (училиште, градинка, пријатели, односи со други деца, слободни активности, исхрана и сл.) – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Мислите дека треба да знаете сѐ за детето – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Верувате дека е важно детето да има верувања, достигнувања и однесување во согласност со вашите очекувања и вредности – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Чувствувате одговорност ако детето е тажно, луто, незадоволно, вознемирено – ВИЕ СТЕ на погрешен пат.

-Несреќни сте, разочарани или лути ако работите не одат како што сте планирале – НА ПОГРЕШЕН ПАТ СТЕ.

Извадок од книгата „Зошто не треба да бидете совршен родител“

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top