Електричните цигари се претставени како алтернатива на обичните цигари, но има сè повеќе докази дека не се ни малку добри за здравјето, објавува „Дејли мејл“.

Кога се појавија на пазарот, повеќето пушачи брзо се префрлија на оваа „поздрава варијанта“ за да се откажат од лошата навика. Меѓутоа, студиите покажуваат дека воопшто не се здрави. Резултатите од истражување кое е спроведено на Универзитетот во Северна Каролина, САД, покажале дека пушењето е-цигари може да им наштети на белите дробови и на кардиоваскуларниот систем, пренесува овој медиум. Исто така, се покажало дека вдишувањето на пареата од е-цигарите може да влијае врз репродуктивните органи кај жените и растот на доенчињата.

Испитувањето е реализирано на глувци кои биле изложени на пареа од е-цигари и резултатите се поразителни. Женките што биле изложени на пареата потешко забременувале, а нивните малечки имале лош имунитет и послабо се развивале од нормалните глувци.

– Користењето е-цигари пред зачнувањето ја одложило имплементацијата на оплодениот ембрион во матката и ја намалило плодноста, а користењето е-цигари во текот на бременоста негативно влијае врз долгорочното здравје и метаболизмот на женското потомство – вели д-р Кејтлин Керон, автор на студијата.

Некои научници што не учествувале во ова истражување напоменале дека луѓето не се глувци, но, сепак, тие се користат во истражувањата поради биолошките сличности со луѓето.

Студија од минатата година на Универзитетот во Бостон покажува хемикалии во пареата и различните ароми кои може да предизвикаат отоци во клетките на артериите, вените и срцето. Исто така, неодамнешна студија на Американската асоцијација за срце посочува дека луѓето што вдишуваат од пареата може да се изложени на 71 процент поголем ризик од мозочен удар и 59 проценти повисок ризик од срцев удар.

Американската држава Мичиген прва забрани електрични цигари поради истрагата за штетноста и 200 регистрирани случаи на белодробни болести кај корисниците.



912

X