Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Потребен ми е совет како да постапам во следнава ситуација: мојата ќерка има 8,5 години и последниов месец тотално го смени однесувањето. Во училиште и во друштво со другарки е во ред, но дома е неподнослива. Нервозна е, ако нема нешто слатко, вика и бара веднаш да се купи, употребува безобразни зборови, нѐ навредува мене и татко ѝ, како да нема чувство дека некого ќе навреди и повреди, љубоморна е на помалата братучетка и не ми дозволува да ѝ зборувам…
Мислев дека има проблем со шеќерот, но крвната слика е во ред. Ние дома ниту користиме такви зборови ниту имаме такви мисли како тоа што таа го зборува. Јас сум во шок, ве молам за совет од каде да почнам за да се надмине овој проблем. Не знам што се случи бидејќи девојчето е мирно и малку срамежливо во друштво.

ОДГОВОР: Подемите и падовите во растењето на децата може да ги збунат родителите и понекогаш да ги дезориентираат. Вашето девојче е на прагот на пубертетот ( 8 и 13 год.,) кој различно го доживува секое дете. Но ова турбулентно време може да се олесни ако се разбере што се случува под површината на многу однесувања, или како што се вели: „Кога родителите ќе ги разберат промените во мозокот на детето во пубертет, тогаш неговата нерасположеност, несигурност и непредвидливо однесување почнуваат да добиваат смисла.“ Мозоците на децата во овој период поминуваат низ неверојатна трансформација.

Истовремено, и телото и мозокот се бомбардирани со репродуктивни хормони, поради кои тие имаат тенденција да бидат почувствителни на стрес, да бидат импулсивни, нервозни… загрижени за сликата на телото и за тоа што и како другите мислат за нив.
Хормоналните и психолошките промени карактеристични за оваа фаза ги наведуваат децата да бидат подружељубиви и комуникативни, ставајќи ги своите пријателства над сѐ друго, а од друга страна, подалечни од родителите и со зголемена потреба за приватност.
Расположението се менува во пубертетот.

Постојат две фази во животот на секое човечко суштество во кои се случуваат важни когнитивни промени: до тригодишна возраст и за време на пубертетот – адолесценцијата. Однесувањето на вашето дете веројатно е како на тригодишно дете. Се обидува да го разбере својот свет додека нејзиниот мозок минува низ фаза на преработка на сѐ и тоа може да биде фрустрирачко. Ова однесување често доаѓа од слабите вештини за решавање проблеми и недостигот на знаење за регулирање на емоциите.
Кога интензивните емоции го обземаат телото, ресурсите за расудување и самоконтрола се намалуваат и тогаш се појавуваат бурни реакции.

Тинејџерската криза може да биде многу вознемирувачка за родителите. Тогаш се обидувате да бидете рационални и логични во моментите кога таа е лута, но нејзиниот мозок е во емоционална поплава и таа не може да ве слушне.

Кога вашата ќерка е лута, постапувајте со неа во зависност од сценариото, покажете разбирање кое ќе се поврзе со нејзината емоционална состојба, а тоа значи рефлектирање на чувствата. „Ти се налути што не можеш…“, „Тажна си“ итн.

Но ако се однесува како насилник, однесување без почит, пцуење, викање, расправија, игнорирање, одбивање на барањата, тоа ви кажува дека треба повеќе да ја контролирате ситуацијата, да ѝ дадете подобра структура и јасни граници на однесување.

И не е важно дали на вашето дете му се допаѓате во моментов или не. Кога се дава структура и јасни граници на однесување, треба да се запрашате: „Што сакам да го научам моето дете?“

Почекајте додека не се смири, што може да биде неколку часа подоцна, па дури и следниот ден, а потоа обидете се да разговарате за нејзиното однесување.
Ова е процес кој се случува со текот на времето, тоа не значи дека однесувањето веднаш ќе се промени.

Таа ве гледа и ве доживува како модел на однесување и ќе ѝ биде тешко да ги смири своите бурни реакции доколку вие покажувате бурни реакции, затоа би било добро да останете смирени, но многу јасни, а истовремено ѝ се потребни и одобрување и пофалби за да изгради добра слика за себе.
Вашето девојче ќе поминува различни фази во нејзиниот развој во кои постојано ќе се пронаоѓа себеси и тоа е доживотен процес, а вашата работа како родител е да го научите вашето дете како да се однесува соодветно и да има почит кон вас и кон другите додека расте.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X