Родителите имаат многу дилеми во однос на воспитувањето на децата, што е сосема нормално затоа што никој не го знае одговорот на сѐ, ниту како најдобро да се однесува во секоја ситуација. Многу мајки и татковци со најдобра намера ги советуваат своите деца дека кога некој од нивните врсници ги навредува или понижува, едноставно да не обрнуваат внимание на тоа. „Игнорирај го и ќе престане“ е реченицата која многумина им ја кажуваат на своите деца.

Сепак, психологот Елена Горинова објаснува зошто ова е сосема погрешен совет.

Зошто не е добро да се игнорира и да не се реагира?

Пристапот што подразбира нереагирање на навреди или насилство е погрешен. Отсуството на детска реакција, всушност, значи дека се потиснуваат негативните емоции, дека улогата на жртвата е сомнителна (затоа што жртвата не дава отпор) и нема надеж за помош однадвор, вели психологот Горинова.

– Ако некој ве понижува, ве тепа, ви го нарушува приватниот простор или ве навредува, потребно е да се реагира. Дополнително, неопходна е реакција дури и ако вие не сте жртва, туку сведок на некаков вид малтретирање. Толеранцијата на агресијата е сериозна последица на малтретирањето, слично на синдромот на посттрауматски стрес. Детето што не реагира на никаков начин на агресија (без разлика дали е насочена кон него или кон некој друг) има намалена доверба во другите и намалена способност правилно да пристапи кон ситуацијата, страдаат неговата емпатија и самодоверба – вели психологот.

Таа истакнува дека тој што малтретира дете нема да престане затоа што жртвата не реагира, па нема смисла да се одолжува реакцијата. Второ, со тоа што му кажувате да ги игнорира навредите и проблемите што ги има, вие ги поништувате неговите чувства. Трето, според психологот, силните емоции кои се потиснати создаваат поголем стрес и може да доведат дури и до некои болести.

Како да ги артикулирате емоциите?

Гневот, вината, лутината, огорченоста, беспомошноста, кои не се изразуваат и доживуваат правилно, може да предизвикаат депресија и неврози кај тинејџерите. Затоа психологот Горинова дава важни совети за техниките за артикулација на емоциите на кои можете да го научите вашето дете. Обидете се: „Се чувствувам; затоа што; и сакам“ – еве како функционира.

Кажете си себеси: „Чувствувам (нешто) поради (нешто) и сакам (тоа и тоа)“.

На пример: „Се чувствувам беспомошно затоа што Сашка и Катерина ми се смеат поради моите очила, но сакам нормално да разговарам со сите во класот“.

Изразувањето емоции ќе му помогне на детето да разбере што сака и што мора да направи за да го постигне тоа.

Најдобрата реакција на детето на насилство и малтретирање е токму силна реакција на несогласување наспроти насилникот, интеракција со сведоци, кои во голема мера го одредуваат исходот на конфликтот.

Многу е важно детето да има можност да го изрази своето мислење и да влијае врз важни одлуки. Домот и семејството се безбедна зона каде што детето може да ги практикува своите вештини за контрола, решавање конфликти и самоизразување.

На крајот, психологот истакнува дека е важно да му се објасни на детето дека секој може да стане жртва. Ова ќе му помогне да не се плаши и да не се срами да разговара со возрасните на кои им верува ако некој го малтретира.

Извор



912

X