Ако имате миленик меѓу вашите деца, не паничете. Тоа не значи дека го сакате едното дете повеќе од друго, иако се подразбира дека повеќе му посветувате внимание. Иако ова звучи природно, сепак може да резултира со последици што можат да влијаат врз односите во семејството дури и кога децата ќе пораснат.
Ова може да има штетни последици за секого, не само за детето што не е фаворизирано. Нерамномерниот пристап може да доведе до завист и гнев на детето кое се чувствува запоставено и обратно. Детето што добива поголемо внимание може да почувствува лутина и несогласување од браќата и сестрите, плус притисок од родителите дека очекуваат повеќе од него.

Детето што чувствува дека братот или сестрата добива поголемо внимание од него, може да има долгорочни последици дури и по напуштањето на родителскиот дом во зрелоста. Може да резултира со ниска самодоверба, постојана потреба да се чувствува посебно, па дури и депресија.
– Имам пациент на 60-годишна возраст чија мајка сè уште е жива и тој сè уште се чувствува навреден кога на мајка му ѝ треба нешто, а таа се обраќа кај неговата сестра за помош. Тој, сепак, сака да се докаже и да се чувствува посебен – вели д-р Елен Вебер Либи, клинички психолог и авторка.

– Омиленото дете често расте чувствувајќи се самоуверено, моќно и со став дека може да реши сè – вели таа и додава дека, од друга страна, може да биде во конфликт со луѓе со кои ќе се обиде да има подлабока врска на подоцнежна возраст затоа што не добива иста количина на внимание каква што добивало додека живеело со своите родители.
Професорката во Центарот за раст и развој при Универзитетот во Мичиген, д-р Бренда Волинг, ја анализира роднинската поврзаност и целосно ги разбира штетните последици што можат да се појават поради фаворизирање на едно дете од страна на родителите.
– Додека се мали, децата живеат во истата куќа, но кога ќе пораснат и ќе го напуштат домот на своите родители, постојат многу случаи кога браќа и сестри се избегнуваат и престануваат да комуницираат – вели таа, додавајќи дека кога родителите ќе остарат, ривалството не завршува.