Драги другарчиња…

Денеска завршува Саемот на книгата, а си мислам да траеше уште толку денови не ќе успеев да ги откријам сите книги што желно го очекуваат нашето внимание. Но, тие, книгите, се вешти играчи на криенка, па така авантурата не завршува тука и потрагата по нашите скриени другарчиња продолжува и натаму.

Мене, на пример, во очи „ми падна“ една книга што зборува за извонредните луѓе. Насловот ѝ е „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“. Оваа книга ми одржа една убава лекција што најверојатно ќе ја прескокнеме на часот по историја. Во неа се собрани кратки и инспиративни приказни. Секоја од приказните е посветена на жена којашто со своите способности и посебности го променила или се обидела да го промени светот на подобро. На пример, кога ќе не скокотнело љубопитството: „Кому му текнало програмирањето?“ или сме биле убедени дека „Гусар е именка од машки род зашто нема жени гусари“… сигурно мислата ни се враќала ко ехо, а без одговор. Да ви кажам право, оваа книга има еден благороден карактер – несебична е. Сигурно ни ги чула прашалните чуденки во главата и ни ги дала одговорите… Така, дознаваме дека компјутерот не е уникатна идеја од пред 72 години, туку дека на тоа мислела и извонредната Ада Лавлејс во 19 век. Таа е првиот автор на компјутерска програма во историјата.

А приказната за слепата балерина Алисија Алонсо? Или онаа за велосипедистката Алфонсина Страда, што успеала да собори рекорд стар дваесет и шест години? Амна Ел Хадад, пак, многумина би ја нарекле машкоданка зашто е мајстор во кревање тегови. Но, зар постои такво нешто, како, машки и женски спортови, игри, книги, професии…? Верувам дека сите имаме некоја другарка фудбалерка или другар што сака да учи модерни танци. И ги сакаме и поддржуваме затоа што ни е важна нивната среќа. Книгата брои сто вакви приказни и секоја е своја и неповторлива на свој начин. Како што сите сме прекрасни на единствен начин. Освен тоа, во неа има дел и за нашата приказна или за приказната на нашата најдобра другарка којашто е достојна за тоа друштво (на Ада Лавлејс, на Алисија Алонсо, Амна Ел Хадад и сите останати хероини. Ете, книгава веќе си го заработи почесното место во мојата домашна библиотека.

Во чија трага влеговте вие, мили книгољупци? Кои книги си ги избравте и зошто токму нив? Баш би сакала да ми посочите некоја за вас посебна книга… Може и да ми пратите фотографија на citanka@deca.mk. Или тоа да не е една и обична фотографија, туку да направите фото-расказ со единствена приказна во којашто ќе бидат вклучени сите книги што сте ги избрале од Саемот. А може и нешто друго и поинвентивно, сигурна сум дека имате бура од идеи.



912

X