Раните фази на нарушување на личноста можат да се согледаат уште на 2-годишна возраст, посочува студија објавена во списанието „Психологија денес“.
Следејќи го развојот на 731 дете од 2. до 10. година од животот, професорката по психологија д-р Ребека Валер од Универзитетот во Мичиген дошла до заклучок дека децата што не чувствуваат вина за своето однесување, не го менуваат ни откако ќе добијат казна од родителите, често влегуваат во судир со другите деца, уништуваат играчки и предмети во домот и имаат напади на бес. Сето тоа доведува до нарушување на личноста. Тоа важи и за оние 2-годишни деца што не сакаат да ги делат своите играчки по никоја цена, лажат, но и малтретираат животни.

Родителите ги разгалуваат наместо да ги воспитуваат

Психолозите оценуваат дека какво ќе биде детето, најмногу зависи од стилот на воспитување, односно од родителите. Важно е детето да добие санкции за лошото однесување, а важно е и да добие пофалба и внимание кога ќе направи нешто добро. Психолозите не се согласни во врска со нарушувањето на личноста бидејќи некои сметаат дека тоа се наследува, а некои дека зависи од воспитувањето. Но, можеби вистината е некаде на средина.

Како треба да се постапува? Многу е веројатно дете на кое сè му е дозволено и не му се поставени граници да развие нарушување на личноста. Родителите често ги разгалуваат своите деца наместо да ги воспитуваат, сметаат психолозите. Последиците од таквото однесување се големи, па ако детето постојано добива сè што ќе посака, кога ќе порасне ќе мисли дека треба да добива сè и од другите луѓе.

Психолозите советуваат границите да се постават навреме бидејќи детето во пубертет често развива вербално и физичко насилство. Во тој период последиците се многу посериозни отколку кога детето е малечко. Поради лошото однесување на детето, трпи семејството. Ако границите не се постават до пубертетот, тогаш битката во поголемиот дел од случаите е изгубена.

Многу љубов и позитивни техники на дисциплина

Многу истражувања потврдуваат дека постојат многу јасни врски помеѓу однесувањето на детето во многу раното детство и неговата структура на личноста во возрасна доба. Студиите за криминално однесување покажуваат дека постои голема веројатност бесчувствителните, неемотивни и тврдоглави 3-годишни деца со проблеми во однесувањето да пораснат во лица со антисоцијално нарушување на личноста.

Голем дел од нашата структура на личноста е формирана од гените. Но, истражувањата исто така покажале дека она што ни е дадено во генскиот пакет може да се промени со помош на многу љубов и позитивни техники на дисциплина. Значи, се потврдува дека родителското однесување е пресудно, сметаат психолозите. На децата што покажуваат знаци на нарушување на личноста постојано треба да им се покажуваат позитивни примери и да им се дава љубов во неограничени количини.



912

X