„Луѓето прашуваат како да постапат кога ќе им дојдат гости, а децата им скокаат по глава и воопшто не сакаат да слушаат. Или кога ги носат во продавница, а децата почнуваат да се тркалаат по подот и да врескаат за мајката да им купи нешто“, вели д-р Светомир Бојанин и открива како да не дојде до такви ситуации.

Проф. д-р Светомир Бојанин е еден од втемелувачите на невропсихологијата на развојниот период, познат детски психијатар и автор на повеќе книги на тема раниот развој и училиштето.
Книгите се полни со драгоцени совети за родителите, а еве што вели за феноменот слушање и послушност кај децата, како и зошто децата имаат изливи на гнев на јавни места или пред гости:

Најдобро би било од дома да се исфрлат телевизорот и игрите

– Феноменот слушање на децата е запоставен, децата сѐ повеќе се суштества што гледаат. Затоа им се закржлавени и фантазијата и послушноста, затоа не го доживуваат светот според вистинските вредности. Тоа што го гледаме е посилно од тоа што го слушаме.
Детето најпрво го доживува светот визуелно, но потоа треба постепено и сѐ повеќе кај него да се воведува и она што може да го осознае со слушање, бидејќи така ќе го разбере светот околу себе. Затоа треба многу да му се зборува, а потоа да му се даде истото да го репродуцира преку цртеж бидејќи така го развива своето ментално и асоцијативно поле. Оттаму потекнува и зборот послушност, прво мора да слушаме за да чуеме.

Најдобро би било од дома да се исфрлат телевизорот и игрите. Телевизорот стана модерна бебиситерка денес. Ако детето повеќе сака да гледа цртани отколку со тебе да оди на прошетка, си ја изгубил битката, некаде си погрешил.
Со децата треба да се живее природно, треба да се вклучуваат во животот, треба да се има слух за нив, треба постојано да бидеме посветени и да се занимаваме со нив. Тогаш нема пропусти, нема разгаленост.

Ако природно живееме со децата, ако навреме и во доволна мера сме се занимавале со нив, ако знаат колку ни се важни, нема да бидат разгалени.

Ако си го навикнал да му го купуваш вниманието со подароци – а тоа е најголемото зло за секое дете – тогаш тоа во продавница ќе бара нешто да му купиш бидејќи тоа му е замена за љубов и внимание. Тогаш не бара колаче, туку го бара твоето внимание, а ти го караш или го тепаш заради колачето. Ако си му подарил доволно внимание и си го подготвил пред одењето во продавница, не би дошло до тоа.

Ако го повредиме детето со ќотек, тоа нема да може да сочувствува со нас

Тоа значи навреме да му објасниш дека не може секогаш нешто да добие, дека мама нема толку пари, но затоа го носи на прошетка и разговара со него, што е многу позначајно. Ако детето не добивало доволно соодветно внимание, тогаш ќе го бара од другите луѓе, на пример, од гостите.

Преку подароците на детето може многу убаво да му се објасни значењето на некој настан или празник. За малите празници ќе добива помали подароци, за големите – поголеми. Посредно му се дава до знаење колку е значаен празникот, но, се разбира, и тоа му се објаснува.

На децата им е поважно каков пример гледаат дома отколку она што им го зборуваме. Ако детето пишува домашна задача, а мајката готви и му вели на таткото за соседот: „Гледај каква куќа изгради! Нема еден ден школо, но знае како се живее!“ – каква порака му испраќа на детето во тој момент?

Децата никако не треба да се казнуваат, а најмалку со тепање. Таа болка што сме му ја нанеле ќе создаде омраза кај него, а не посакувана реакција или промена во начинот на однесување. Ако со него сме живееле природно, сме се занимавале со него, ако постојано ги добива нашето внимание и нашата љубов, тоа нема да биде немирно, па ќе нема потреба од казнување или тепање. Подобро е тогаш да се зборува за своите емоции.

Ако детето нѐ сака, ако е послушно (послушноста доаѓа од љубовта, а не од стравот), тоа побрзо ќе разбере кога ќе му кажеме дека нешто нѐ повредило (не во смисла на наметнување вина) отколку ако го удриме. А ако сме го повредиле со ќотек, сме му нанеле болка, тоа нема да може да сочувствува со нас“.



912

X