Заканите со казни се омилен метод за дисциплинирање на децата во многу делови од светот. Се сеќавам една другарка низ разговор ми рече: „Кажи што сакаш, но да немав можност да ги уценувам, не знам како ќе ги воспитав“.

Овој текст ја обработува темата за казните и алтернативните решенија. Ќе дознаете кои се последиците од казнувањето за кои ретко размислуваме, но и кои методи да ги примениме како алтернатива.

Последици од заканите со казна

Родителство базирано на страв

Заканите од последици често влеваат страв кај децата, што ги наведува да ги почитуваат правилата само затоа што се заплашени, а ретко затоа што ја разбираат суштината на границите и правилата што им се поставени. Овој вид родителство засновано на страв може да ја загрози способноста на детето да развие критичко размислување и вештини за решавање проблеми.

Нарушување на довербата

Постојаните закани за последици речиси сигурно ќе ѝ нанесат длабока штета на довербата меѓу детето и родителите, бидејќи во таква атмосфера е многу тешко детето да се чувствува безбедно и прифатено. Децата може да почнат да ги гледаат своите родители како противници, а не како сојузници. Токму така се создава негативна динамика во семејството, недоверба и постојани конфликти кои ве тераат да се прашувате зошто ви се случуваат.

Анксиозност

Децата што често слушаат закани имаат поголема веројатност да бидат вознемирени, плашејќи се од потенцијални последици за она што го прават. Ова постојано чувство на страв и грижа дури може да биде причина за долготрајни проблеми со менталното здравје, а во некои случаи е и основа за депресија.

Стресна, лоша комуникација

Доколку често им се заканувате на децата со последици, сигурно е дека веќе сте ја загрозиле искрената и отворена комуникација со нив. Децата ќе се двоумат дали да ги споделат своите чувства со вас или да зборуваат за проблемите што можеби ги мачат, а сето тоа од страв дека наместо поддршка и разбирање, ќе бидат загрозени поради нешто што го направиле.

Бунтовништво

Иронично, во некои случаи честите закани се причина децата да станат пркосни и бунтовни. Овој отпор произлегува од нивната желба да ја покажат својата независност и контрола кога ќе се соочат со авторитарниот став на нивните родители.

Нарушена самодоверба

Не е тешко да се разбере дека ако често слуша закани, детето го доживува тоа како порака дека не е способно да донесува добри одлуки и дека е полно со маани. Таквата негативна слика за себе може да има трајни ефекти врз детето.

Не го учите дететo на вештини за решавање проблеми

Ако премногу се потпирате на казнување, на детето ќе му биде многу тешко да развие вештини за решавање проблеми. Поточно, ќе верува дека кога нешто не е направено добро, поентата не е да се учи правилно, туку да се плати за својата грешка. И така, наместо да научат да се соочуваат со предизвиците независно, ефикасно и храбро, децата можат да станат зависни од контрола и водство.

Алтернативни пристапи кон дисциплината

За да негувате здрав однос со вашето дете и да придонесете за неговиот правилен емоционален и ментален развој, треба да користите алтернативни методи на дисциплина кои не вклучуваат закани и казни.

Позитивен пристап: Охрабрете го и пофалете го доброто однесување и секогаш фокусирајте се на позитивното наместо постојано да укажувате на лошото однесување.

Поставете јасни очекувања: Поставете јасни очекувања соодветни на возраста за да се осигурите дека вашето дете ги разбира правилата и причините за тие правила.

Природни последици: Секогаш кога е можно, не штитете ги децата од последиците од она што го направиле. Дали заборавил да однесе ужина на училиште трет пат овој месец? Природната последица е дека ќе биде гладно. Ваквите ситуации се најдобрата можност децата да научат дека сè што прават има последици и дека самите сносат одговорност за своите постапки.

Отворена комуникација: Негувајте отворена и искрена комуникација со активно слушање на детето и неговите чувства и грижи. Кога покажува загриженост или страв, наместо да го уверувате да „не се плаши од ништо“ и дека „не е ништо“, едноставно покажете дека го разбирате стравот, потврдете ги чувствата.

Бидете пример за однесувањето што сакате да го видите кај вашето дете: Покажете соодветно однесување и вештини за самоконтрола, како и правилни и смирени реакции во тешки ситуации. Бидете пример.

Дисциплината е апсолутно неопходна и децата треба да знаат каде се границите и што е прифатливо однесување, а што не. Мора да им поставите граници, но тоа не значи дека треба да бидете груби и агресивни.

Целта на дисциплината е да ги научите децата да станат одговорни и емпатични луѓе.

Извор



912

X