Биљана Ивановска, психолог

Биљана Ивановска, психолог

Претседател на Здружението за умствен развој на деца „Бреин Гинис“ во Куманово
Тел: 071 711 555

Повеќе од авторот

За жал, најчесто интернетот се користи за прибирање непотребни информации. Децата се оптоварени со виртуелниот свет, со ликови што не се позитивен пример за следење и со игри што имаат трауматска содржина

Во изминатиот период низ училиштата во Куманово и со учениците од 7., 8. и 9. оддeление зборуваме на темата зависност. Зависност од психоактивни супстанции, зависност од храна, зависност од игри на среќа… Она што е најраспространето меѓу децата дури од најрана возраст е зависност од интернет.

Фактите кажуваат дека нема дете (од 7-8 год. возраст нагоре) што нема мобилен телефон и дека нема дете што не користи интернет. И сето тоа би било убаво ако се користи исклучиво за едукативни цели и разумно, ако е во прашање забава. За жал, најчесто интернетот се користи за прибирање непотребни информации. Децата се оптоварени со виртуелниот свет, со ликови што не се позитивен пример за следење и со игри што имаат трауматска содржина. Дали некој направил истражување како сето тоа влијае врз детскиот развој?

Убедена сум дека голем удел во зголеменото врсничко насилство и зачестеноста на нарушените односи има токму прекумерното користење на интернет. Да се надоврзам дека и намалената вербална способност се одразува врз формирањето личности кои не знаат да се изразат, кои немаат доволен фонд на зборови. А да не зборуваме за последиците врз здравјето – мозокот, очите, ‘рбетниот столб, мускулите.

Низ светот веќе почнуваат да се отвораат клиники за лекување од интернет-зависност. Стручните лица во светот се состануваат и бараат решение како идните генерации да се сочуваат од оваа зависност, но магичното решение сè уште не е пронајдено.

Австралискиот колеџ за педијатрија предложил решение. Стручните лица од овој колеџ сметаат дека пред 6-тата година децата воопшто не треба да го познаваат интернетот. Дури и по тој период треба да постои ограничување од најмногу еден час користење дневно.

Да го земеме и ние нивното правило 3-6-9-12, преку кое ќе имаме здрава употреба на современ облик на комуникација.

– До 3 години НЕМА користење на компјутер и телефон
– До 6 години НЕМА користење на интернет
– До 9 години НЕМА, поточно забрането е играње игри.
– До 12 години НЕМА пристап до социјални мрежи!

Номофобијата – зависност од телефони – прогресира и затоа е неопходно да се воведат правила кои ќе се стремиме да ги почитуваме. Ако се потрудиме да ги почитуваме, секако дека ќе оствариме успех. Сите родители сакаат успешни деца, но и децата имаат желба да бидат самоуверени и успешни. Тоа навистина ме радува. Но како да развијат самодоверба и да бидат сигурни во себе. Мојот предлог е уште денес да го остават мобилниот телефон на 120 мин… без да го допрат! Доколку успеат, секој нареден ден тоа време да го зголемуваат за 15 до 20 минути (пролонгирано време за користење телефон).

Периодот без телефон нека биде исполнет со читање, со спорт или друг вид рекреација и едукација. Со примена на овој пример работиме на себе, на доследноста и на самоувереноста. Покрај децата ова може да го применат и возрасните. Да пробаме?



912

X