Магдалена Стојановски, стоматолог

Магдалена Стојановски, стоматолог

ПЗУ „Тера дент“

Повеќе од авторот

Во периодот на промена и пад на температурата, во есен и во зима, почесто доаѓа до намалување на имунитетот кај децата. А намалениот имунитет е главен причинител за појава на афти. Поради тоа, би сакала повеќе да зборуваме на оваа тема. Афтите се едни од најчестите болести на оралната слузница што се јавуваат кај децата, почесто во периодот од 2 до 4-годишна возраст. По форма се кружни или овални, јасно се ограничени и се манифестираат како ситни бели или жолтеникави ранички. Најчесто се појавуваат на слузницата на образот или на јазикот. Почесто се јавуваат поединечно, а во поретки случаи се јавуваат повеќе афти во устата.
Афтата е улцерација со плитко некротично дно и благо изразени црвени рабови. Предизвикува јака болка, која е најинтензивна по 2-3 дена од појавувањето на афтите. Поради тоа, кај децата се јавува намален апетит или целосно одбиваат да јадат, премалени се, имаат покачена телесна температура, нарушен сон и сл.
Според големината, афтите можат да бидат: мали или минорни афти, кои можат да достигнат големина од 10 мм во дијаметар, и можат да бидат повеќебројни во оралната слузница. Тие се појавуваат нагло и предизвикуваат јака болка. Малите афти најчесто траат од 7 до 10 дена.
Големите мајорни афти поретко се појавуваат со големина над 15 мм и тоа во пределот на мекото непце и грлото, траат подолго, повеќе од 15 дена, па дури и еден месец.
Третиот вид афти се херпетиформни афти кои личат на херпес.

Причини за појава на афти кај децата

Најчеста причина за појава на афти кај дечињата се намален имунитет, недостиг на витамини и минерали, недостиг на железо-анемија, бактерии, вируси, недостиг на витамин Б-12.
Траума на оралната слузница кога децата неправилно ги четкаат забите е исто така причина за појава на афти. Тие се придружени со покачена телесна температура, која најчесто се јавува по 2-3 дена.
Афтите траат од 7 до 10 дена, па поради тоа би сакала да нагласам дека не постои лек кој може да ги излекува афтите, туку постои третман со кој ќе му помогнеме на детето полесно да го помине периодот на заздравување на афтите додека не исчезнат целосно.

Кои се симптомите?

Во почетокот, при појавата на афтите во устата се појавуваат пецкање, јака болка, детето одбива да јаде, премалено е, има покачена телесна температура, нарушен сон и сл.

Третман за лекување

При терапија на афтите се вклучува локална или системска примена на кортикостероиди, локални анестетици и антимикробни препарати (раствори за плакнење на устата и на грлото).
Потребно е повеќе да се внесуваат витамини и минерали, особено витамин Б-12. Треба да се избегнува зачинета храна, која дополнително ја влошува ситуацијата. Се разбира, хигиената е еден од најбитните фактори во терапијата на афтите. Редовната и правилна орална хигиена ќе помогне во заздравувањето на афтите. Тие се премачкуваат со метиленско сино 1%, генгигел, афтамед.
Се препорачува плакнење на устата со чај од камилица или најдобро со сода-бикарбона.

Превенција од појава на афти кај деца

Можеме да примениме мерки кои би помогнале и би спречиле појава на афти кај децата. На прво место е редовната и правилна орална хигиена, да не се користи премногу зачинета или кисела храна. И задолжително подобрување и зајакнување на имунитетот кај детето со внесување здрава храна богата со витамини и минерали и внесување течности.
Секако, се препорачува родителите да користат мултивитамински препарати, сирупи кои го подобруваат имунитетот на дечињата, особено во есенскиот и во зимскиот период.



912

X