Досега покажавме дека сме заинтересирани за подобрување на материјалниот статус на вработените во образованието и имаме кредибилитет кога велиме дека ќе има идно зголемување на платите, но колкав ќе биде процентот и од кога ќе почне да се имплементира, тоа зголемување зависи од разгледувањето на параметрите, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми. Тој рече дека им треба малку време бидејќи сè уште не почнале во Владата да дискутираат за буџетот за идната година.
– Треба да ги направиме проекциите и заедно да одлучиме за идното зголемување на платите на наставниците – рече Адеми и додаде дека имаат одлична соработка со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и со вработените во образованието.

Според него, септемвриската плата на наставниците годинава споредено со августовската плата во 2018 година е зголемена за 10,8 проценти.
– Првпат по неколку години и во високото образование и во научните институти платата е зголемена за 5 проценти – потенцира Адеми.
Во врска со најавата за генерален штрајк на СОНК за идниот месец и дали имаат волја да го одложат додека не се договорат, Адеми рече дека донесувањето одлука една недела порано или една недела подоцна не треба да влијае и да има некакви последици врз организирањето на образовниот процес и додаде дека двете страни би требало да имаат заемно разбирање.



912

X