Нашите деца денес растат во свет кој значително се разликува од оној во кој растевме ние. Кога ќе се спомене тоа, луѓето најчесто помислуваат на технологијата, таблетите и телефоните кои го промениле детството. Но, тоа не е сѐ.

Истражување спроведено пред пет години покажа дека денешните татковци се повеќе вклучени во образованието и воспитувањето на своите деца од која било генерација татковци претходно. И повторно, често зборуваме за тоа како на мајките не им е лесно, заборавајќи колку е важна, комплицирана и одговорна улогата што ја играат татковците.

Татковците сакаат да бидат еднакви родители

Современите татковци сериозно го сфаќаат родителството, поминуваат трипати повеќе време со своите деца отколку мажите две генерации пред нив.

Во далечната 1982 година дури 43 отсто од мажите признале дека никогаш не смениле пелена, а во последните години таа бројка паднала на само 3 отсто во западните земји, што е одлично, пред сѐ, затоа што пресоблекувањето, капењето и заспивањето се едни од начините татковците да се поврзат со своите бебиња и да ја зајакнат нивната врска.

Вклучениот татко е огромен фактор во растот на секое дете. На овој начин ги учат своите ќерки утре да не очекуваат ништо помалку од партнерите, а синовите дека миењето садови и перењето не се само женска работа.

Овој тренд не е добар само за децата, туку и за бракот. Истражувањата покажаа дека кога повеќе од 60 отсто од обврските дома паѓаат на мајката, бракот трпи. Но, кога татковците ќе се вклучат и сакаат да бидат еднакви, врската станува посилна. Едноставните работи, како ставањето садови во машината, прават многу за еден брак.

И татковците чувствуваат вина

Иако не зборуваат многу за тоа, голем е бројот на татковци кои чувствуваат вина што поради работа и обврски не поминуваат доволно време со своите деца. Исто така, споредувајќи се со своите татковци, денешните татковци јасно гледаат дека и самите прават многу повеќе кога се во прашање односите со децата и домашните обврски, но перцепцијата на нивните сопруги може да биде различна.

И на татковците им треба поддршка

Во сето ова од татковците на работа се очекува многу. Работодавците очекуваат многу, и тие и понатаму ретко имаат разбирање за татко кој отсуствува поради родителски обврски, а уште повеќе општеството кое им ја наметнува обврската да напредуваат во кариерата и да бидат успешни бизнисмени и посветени татковци.

А од другата страна, во средината во која живееме има и менталитет што ги кочи. Иако можеби сакаат да бидат повклучени, тие знаат дека ризикуваат да бидат означени како „папучари“ ако признаат дека стануваат ноќе, пеглаат алишта и менуваат пелени.

Затоа, за татковците што не се срамат да признаат дека се обидуваат да бидат рамноправни родители, за оние што навистина го сакаат тоа и за оние што се грижат дали доволно му се посветиле на семејството – вие сте пример за сите момчиња што допрва треба да станат татковци!

Извор



912

X