Крлежите се потенцијални носители на заразни болести, па затоа не е лошо да научиме да се заштитиме од нив, но и да знаеме како правилно да постапиме кога ќе ги најдеме прикачени на кожата кај децата.

Зошто крлежите го сакаат топлиот дел од годината?

Крлежите живеат во зеленило, обично во трева и дрвја. На крлежот му е потребна надворешна топлина за да живее, па не може да ги преживее студените денови. Земајќи го предвид „вегетацискиот бум“ и убавата средина за живеење, јасно е зошто крлежите се љубители на топлите денови. Нивните биолошки „резервоари“ се главно глодачи, од кои навистина има многу – па крлежите неверојатно брзо се шират низ овие многу подвижни животни.

Крлежот е „крвопиец“ кој напаѓа сѐ што е во негова близина, а има кожа богата со крвни садови – па покрај децата и луѓето, сите други цицачи, вклучително и домашните миленици, се вистинска радост за крлежите.

Како крлежот доаѓа до децата?

Омилено живеалиште на крлежите е високата трева, но тие со задоволство се „качуваат“ и во густите крошни. Затоа ги има и на дрвјата, од каде што паѓаат врз децата, па не треба да нѐ чуди што децата најчесто се „каснати“ не главата и вратот.

Сите што чуваат домашни миленици треба редовно да ги проверуваат за да ги отстранат крлежите ако ги пронајдат. Ова е важно бидејќи детето може да го „закачи“ крлежот додека си игра со омиленото животно. За среќа, сопствениците на домашни миленици, по правило, се запознаени со проблемите што ги носат крлежите. Покрај тоа, постојат ефективни средства за заштита на животните од овие непријатни крвопијци, така што и децата се успешно заштитени.

Дали боли кога каснува крлежот?

За жал, НЕ боли! Подобро би било да боли бидејќи веднаш би знаеле дека крлежот е „фатен на дело“ и полесно и побрзо би го отстраниле!

Кога крлежот ќе пристигне до кожата, прво го бара најсоодветното место „за оброк“, а во моментот кога ќе „касне“ дете (или возрасен), ослободува супстанција која дејствува како локален анестетик, па не чувствуваме ништо! Ова, се разбира, му одговара на крлежот бидејќи може да остане незабележан и да продолжи да се храни непречено.

Зошто крлежот е опасен – какви болести може да пренесе?

Постојат многу опасни болести кои крлежите можат да им ги пренесат на луѓето. За среќа, на нашите простори практично нема арбовируси, кои се причинители на ретки, но опасни воспаленија на мозокот (енцефалитис) и менингите (менингитис) – пренесени преку крлежи.

Во нашата географска област, „најважната“ болест која се пренесува преку крлежите е лајмската болест. Патем, се јавува и на други континенти. Што точно се случува? Во крлежот има опасна бактерија (борелија), која не му пречи нему, но за време на „оброкот“ ја вбризгува во крвотокот на домаќинот.

Како да се постапи правилно кога крлежот ќе се закачи за дете?

-Крлежот мора да се отстрани од кожата! Најдобро е да се направи во некоја од здравствените установи или во најблиската амбуланта. Речиси секоја клиника има едноставни инструменти со кои крлежот може да се отстрани многу брзо, речиси безболно. Ако сте далеку од клиника, земете пинцети, фатете го крлежот и полека извадете го од кожата.

Ова е навистина важно бидејќи ако наеднаш го „откорнете“ од кожата, во неа може да останат главата и лушпите со кои крлежот се „закачил“ за детето. Навременото отстранување на крлежите драстично ја намалува веројатноста за појава на лајмска болест! Проблемот е што често не знаеме колку време крлежот поминал на кожата пред да го забележиме.

-Не „опивајте“ го крлежот со алкохол или бензин бидејќи тогаш навистина ќе му биде лошо, па ќе ги исфрли бактериите (ако ги има во него) што предизвикуваат лајмска болест.

-Имајќи предвид дека тетанусот може да се „заработи“ и преку крлежи, педијатарот ќе препорача соодветна антитетанусна заштита. Со гледање на евиденцијата за вакцинирање, лекарот ќе процени дали детето треба да прими „серум“ против тетанус или треба да се даде и вакцина против тетанус. Огромното мнозинство на редовно вакцинирани деца не бара антитетанусна заштита!

Со оглед на тоа дека речиси секој трет градски крлеж е заразен со борелија, најефикасна превенција е детето да добие соодветен антибиотик, со што ќе се намали можноста за развој на лајмска болест. Најдобро би било отстранетиот крлеж да се однесе во соодветна лабораторија каде што ќе се провери дали е заразен, а потоа може да се започне со можна антибиотска терапија.

Како да спречите крлежот да стигне до детето?

Невозможно и целосно неоправдано е да им се забрани на децата да играат во природа. Еве неколку совети како нивната забава на отворено да биде безбедна:

-Високата трева треба да се избегнува како место за игра, па затоа е препорачливо да се коси тревата во дворот, односно сите зелени површини каде што си играат децата.

-Идеално би било зелените површини каде што играат деца да се запрашат со соодветен инсектицид кој ефикасно ги убива крлежите.

-Теоретски, добро е децата да носат долги панталони или барем панталони до над бутовите – за да не може крлежот лесно да им се „закачи“. Сепак, тој совет тешко може да се следи за време на летните горештини, кога има најмногу мали крвопијци.

-Правилен начин на заштита е употребата на репеленти – „дисперзатори“ на инсекти, кои се нанесуваат на кожата. Тоа се хемиски супстанции (има препарати од растителна основа) кои не ја мачат детската кожа, туку го принудуваат крлежот да бара друга жртва на која нема репелент.

По денот што детето ќе го помине во природа, треба да се прегледа неговата кожа. И најдобро е тоа да се стори пред туширање, бидејќи крлежот може да „ползи“ далеку од местото каде што првично „скокнал“ врз детето. Детално прегледајте го целото дете, вклучувајќи ја и косата! Најлошо е кога крлежот си ја врши работата и ја напушта кожата на детето, а сето тоа останува незабележано.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ/педијатар кардиолог

Извор



912

X