Воспитување

Кога децата крадат од родителите

Дали сте го фатиле вашето дете како краде од вас или од некој друг? Дали го имате забележано како ја користи вашата кредитна картичка за да купи онлајн-игри, зема пари од вашиот паричник без прашање или, пак, зема скапи производи и уреди од вашиот дом? Бесот, разочарувањето и недостигот на доверба може да бидат деструктивни за односот помеѓу децата и родителите. Тренерот за родители Денис Роуден има неколку совети.

Ако вашето дете е фатено како краде, можеби сте се запрашале: „Зошто моето дете го прави ова по сè што го научивме?“ Многу родители ги доведуваат во прашање своите родителски способности и се прашуваат каде погрешиле со своето дете. И покрај тоа што е разочарувачки и фрустрирачки за родителите кога нивното дете краде, Денис тврди дека во повеќето случаи тоа е однесување што може да се промени.
Важно е да се разбере дека постои голема разлика помеѓу децата на возраст под 6 години што ќе земат нешто и постарите деца што крадат. Помалите деца немаат чувство на правилно и погрешно во врска со овој проблем, нивните мозоци не се развиени доволно за да размислуваат правилно.

Ако вашето помало дете зема работи, фокусирајте се да ја изучува вештината на споделување, прашувајте го што сака да има. Кога вашето дете ќе биде малку поголемо, треба да го учите да кажува: „Жал ми е, не требаше да го земам тоа без да прашам“. Но, не терајте го да се чувствува како да е лоша личност и не етикетирајте го случајот како крадење. Посочете му дека земањето работи без прашање е погрешно.

Поголеми деца: проблемот треба сериозно да се сфати

Ако вашето дете има девет години или повеќе и зема работи од вас или од другите, тој проблем треба да го третирате посериозно. Како што вели Џејмс Леман:  – Вашето дете погрешно размислува за тоа како да го реши својот проблем. Можеби проблемот е новата видеоигра што твојот десетгодишен сака да ја има, но нема пари да ја купи. Тој овој проблем го „решава“ со земање пари од вашиот паричник без прашање. Веројатно размислува: „Ми требаат овие пари. Мајка ми нема да забележи“. Кога ќе го фатите вашето дете како го користи ова погрешно размислување, можете да кажете: „Само затоа што сакаш нешто, не значи дека е во ред да земаш без да прашаш. И потоа прашајте го: „Што треба да направиш наредниот пат?“
Важно е да не му дозволите на вашето дете да го задржи она што го зело: тоа никогаш не треба да има корист од земање нешто што не е негово.
Кога детето ќе украде нешто од продавницата, многу родители се загрижени дека ќе биде обвинето ако го врати предметот што го украло. Тие решаваат да го казнат, на пример, со забрана за гледање телевизија или играње на компјутер, но му дозволуваат на детето да го задржи украдениот предмет. Најдобро е да му наредите на вашето дете да го врати украдениот предмет во продавницата. Разбирам дека ова може да биде комплицирана одлука, во зависност од возраста на вашето дете и местото каде што живеете. Ова мора да биде изборот што ќе го направите независно од последиците. Но, ако одлучите да не го вратите назад производот, потрудете се да не го добие. Вие сакате вашето дете да научи дека кога ќе му наштети на некој, дури и да е сопственикот на продавницата, треба да се соочи со последиците и директно да му се извини на тоа лице – затоа најдобра лекција за вашето дете е да го врати украдениот производ во продавницата.

Кога вашето дете ја користи вашата кредитна картичка

Сум разговарал со многу родители чии деца ја употребувале нивната кредитна картичка за да купат нешто онлајн – најчесто за купување видеоигри. Дури и парите да се потрошени и да не можете да ги вратите назад, не дозволувајте вашето дете да помине неказнето. Тоа може да се искупи со правење екстра работи во вашиот дом. На пример, да го исчисти подрумот, гаражата или да го исчисти дворот. Вие сакате да го научите вашето дете да се покае и да ѝ се извини на личноста на која ѝ погрешило – во овој случај тоа сте вие. Ви препорачувам редовно следење на вашата кредитна картичка, секој ден ако е потребно.

Кога вашето дете краде скапи производи или уреди од дома: Дали можеби зема дрога?

Ако вашето дете краде големи суми пари или скапи производи и уреди од вашиот дом, мислам дека треба да почнете да се сомневате зошто го прави тоа. Ако мислите дека користи дрога, веројатно постојат и други знаци што укажуваат дека вашето дете има проблеми, како на пример промени во расположението.
Вистината е: дете што не е воспитувано да биде одговорно никогаш нема да научи од своите грешки. Во вашиот дом учете ги децата да учат од своите грешки и дека она што го направиле му предизвикало штета на некој друг.

Кога крадењето продолжува

Ако вашето дете не може да престане да краде, треба да откриете зошто се случува тоа, зошто тоа го прави одново и одново. Исто така, треба да ги обезбедите скапите предмети во вашиот дом и да го чувате паричникот на безбедно место, додека вашето дете не научи како да го решава својот проблем.
Сакам да истакнам дека иако сте загрижени за карактерот на вашето дете, не дозволувајте да почувствува дека вие мислите дека е лоша, ужасна личност. Наместо тоа, треба да го направите спротивното: да научи да си ја исправи грешката и да ја направи вистинската работа. Можете да им кажете: „Знам дека е тешко, но верувам дека можеш да го направиш тоа“. Ако го смените вашето мислење за вашето дете како личност и почнете да мислете дека е „лошо“ или дека нешто не е во ред со неговиот карактер, постои голем потенцијал да ги расипете односите. Вашето дете ќе почувствува дека имате лошо мислење за него и може да почне да губи надеж дека неговата способност некогаш ќе се промени.

Кога вашето дете ја одрекува кражбата

Честопати им советувам родителите: „Ако со сигурност знаеш дека твоето дете има украдено нешто, биди искрен со него. Само кажи му: ‘Мислам дека си ја искористил мојата кредитна картичка, бидејќи сакаше да преземеш песни од Ајтјунс. И ќе те замолам да се искупиш за тоа што го направи’. Ако не сте сигурни и твоето дете ја негира кражбата, тогаш мислам дека не треба да има последици“. Не сакате да го обвините вашето дете за нешто што не го сторило.

Јас разбирам дека родителите се повредени кога нивното дете украло нешто. Но, обидете се да не го сфаќате лично фактот дека тоа крадело. Не се работи за вас и за вашето родителство – станува збор за вашето дете и за несоодветниот начин на решавање на проблемот во тој момент.

Поврзани написи

To top