Откако Бирото за развој на образованието го објави наставниот план за шесто одделение, каде што може да се види дека од следната учебна година шестоодделенците географијата, биологијата, хемијата и физиката ќе ги учат во еден предмет наречен природни науки, а историјата воопшто ја нема како предмет, реакции почнаа да стигнуваат од сите страни.
Од Македонското географско друштво истакнаа дека во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје со институтите во негов состав и соодветните струкови друштва за географија, биологија, физика и хемија се преземаат активности за запирање на реализација на концепцијата заклучно со шесто одделение, така што во продолжение наставните планови во седмо, осмо и деветто одделение би останале непроменети.
– За таа цел, деновиве ќе бидат испратени писмени реакции до надлежните државни институции, како и реализација на непосредни разговори на највисоко ниво. Се надеваме дека тие активности ќе придонесат за зачувување на статусот на наставните предмети: географија, биологија, физика и хемија – велат оттаму.
Според наставната програма за предметот Природни науки за шесто одделение, објавена на страницата на БРО, децата ќе имаат три часа неделно по овој предмет, а предметот може да го предава лице кое завршило факултет за некоја од четирите природни науки. Тоа значи дека некој што студирал, на пример, двопредметни студии физика-информатика, ќе треба да има познавања и од географија и од биологија и од хемија и да предава природни науки.
912