Турнирот го организираме од повеќе причини. Најнапред заради подигнување на спортската свест кај нашите ученици, поттикнување на натпреварувачкиот дух, подобрување на психо-физичките способности, социјализација и дружење и, секако, заради надминување на бариерата и поттикнување на прифаќање на различностите, велат организаторите од УСК ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“- Скопје 2018
Инклузивен фудбалски турнир – Скопје 2023 во организација на УСК ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“- Скопје 2018, под покровителство на Фудбалската федерација на Македонија, ќе се одржи утре, во 10 часот, во општина Аеродром – Скопје на Фудбалскиот комплекс на ФФМ.
– Станува збор за Инклузивен фудбалски турнир за ученици од средно образование со лесни пречки во психичкиот развој и ученици од основно редовно образование, односно ученици од средно со атипичен развој и ученици од основно образование со типичен развој – ни сподели Станислав Мирчевски, еден од тренерите и организаторите на турнирот.
Турнирот се одржува од 2016 година и последователно до пандемијата беа одржани четири турнири.
– Поради короната во 2020 и 2021, бевме спречени да го организираме турнирот. Во 2022 иако сѐ беше подготвено, не се одржа поради штрајкот на просветните работници. Сега, по пауза од три години, по петти пат го организираме турнирот. Закажан е за 10 часот на терените на Фудбалската федерација во Аеродром под покровителство на ФФМ, а во организација на УСК ДСУ „Св. Наум Охридски“, Скопје – ни споделува Станислав.
„И ние сме дел од вас“
Турнирот го организираат од повеќе причини.
– Најнапред заради подигнување на спортската свест кај нашите ученици, поттикнување на натпреварувачкиот дух, подобрување на психо-физичките способности, социјализација и дружење и, секако, заради надминување на бариерата и поттикнување на прифаќање на различностите – велат организаторите.
На турнирот ќе земат учество ученици од две средни училишта со посебни потреби „Искра“ – Штип и „Св. Наум Охридски“ –Скопје со две екипи. Потоа основните училишта ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, со една машка и една женска екипа, и ООУ „Марко Цепенков“ – Скопје со една машка и една женска фудбалска екипа ЖФК „Џиџи“ – Скопје. Околу 80 ученици, 16 наставници и 6 волонтери од гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Скопје, двајца судии и две лекарски екипи од Црвен крст.
Овој турнир е дел од активностите на проектот „Здравје“ во подрачјето спортски активности.
– Во 2015 година, во нашето училиште „Наум Охридски“ почна проектот „Здравје“ кој во себе содржеше три подрачја: едукација (предавања, семинари, квизови), спортски активности (атлетика, фудбал, кошарка, планинарење) и правилен начин на исхрана (одгледување зачини, пазарење, подготовка и консумирање здрави намирници). Фудбалот како најблиска спортска дисциплина за учениците беше една од најчесто практикуваните активности, која покрај подобрувањето на психо-физичките способности на учениците со организирање фудбалски турнири, им помогна за подобра социјализација и дружење. Турнирот од самиот почеток одеше под мотото „И ние сме дел од вас“ и сакавме да покажеме дека нашите ученици знаат, умеат, можат и заслужуваат да бидат рамноправни чинители во нашето секојдневие, во нашето општество – споделува Мирчевски.
Внимание и дискусија за прифаќање на различностите
Целта на турнирот е да поттикнеме внимание и дискусија за прифаќање на различностите и секако да покажеме дека спортските активности и тоа како ги подобруваат психо-физичките способности кај учениците, дури и во одредени моменти имаат и тераписко значење, ги смируваат и ги опуштаат учениците и тие се среќни, весели и задоволни што можат да спортуваат, дополнува тој.
– Значењето на вакви турнири и спортски собири е од исклучителна важност за нашите ученици, па освен што можат да покажат што знаат и умеат, имаат можност и да се дружат, да се запознаат меѓусебно, со еден збор да се социјализираат. Сите претходно наведени позитивни карактеристики, особини, навики кои преку континуирана спортска активност ќе можат побрзо и полесно да ги стекнат и развиваат сметаме дека ќе им ја подобрат самодовербата на нашите ученици и тие похрабро ќе впловат во животот, а со самото тоа голем бенефит и благодат ќе имаат нивните родители и секако општеството – подвлекува Станислав.
Доделувањето на наградите за екипите е закажано за 12:20 часот.
Фото: приватна архива
912