Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за упис на ученици во јавните средни училишта во Македонија за учебната 2023/2024 година.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни, на 20 и 21 јуни, и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по следните наставни предмети:
– за гимназиско образование – мајчин јазик и математика;
– за здравствена струка – биологија и хемија,
– за другите струки – мајчин јазик и математика.
Во учебната 2023/2024 година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20.608 слободни места, за настава на албански јазик 8.301 и 889 места за настава на турски јазик. Во учебната 2023/2024 година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
Условите и потребните документи за запишување на учениците во средно училиште се достапни на следниот линк.
912