Драги деца,
Значењето на образованието е огромно, тоа ве прави моќни во борбата, која е неминовна во текот на целиот живот, за остварување на своите цели. Сите деца, без исклучок, го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот. Деца, вие сте сегашноста и иднината на секоја држава. Вие сте најбитната алка од синџирот наречен живот.
Драги деца, без разлика дали ќе учите јазик од одредена причина или од интерес, учењето странски јазик ќе доведе до долгорочен успех, ќе отвори нови патишта пред вас, а тоа е патот до успехот. Колку повеќе јазици знаете, толку подобро ќе можете да се изразите и ќе успеете вo живoтoт. Во денешната ера, повеќејазичноста стана повеќе од само „важна“. Да се знае дека пoзнаваш странски јазик, освен свoјoт мајчин јазик, е мнoгу корисно. Без оглед дали се гледа од финансиски или од социјален аспект, да се биде во можност да комуницирате на странски јазик помага да се оствари „вистинска“ врска со луѓето.
Усвојувањето на јазикот е во детската природа, вие децата сте мотивирани несвесно да го усвојувате и учите јазикот, за разлика од адолесцентите и возрасните. Способни сте да го имитирате изговорот и самите да ги откриете и сфатите правилата на јазикот.
Вие, децата кои имате можност да го усвоите англискиот јазик додека сте сѐ уште мали, често ги користите истите вродени стратегии за учење на други јазици во текот на животот. Постои поголема веројатност додека го усвојувате јазикот наместо свесно да го изучувате како поголемите деца и возрасните, да имате подобар изговор и подобро чувство за јазикот. Кога децата кои зборуваат само еден јазик ќе стигнат до пубертет, стануваат самосвесни. Вашата можност за „впивање“ на јазикот се намалува и вие сметате дека мора свесно да го изучувате преку програми базирани на граматика.
Говорот природно доаѓа прв, пред читањето и пишувањето. Во зависност од изложеноста на англискиот јазик и од квалитетот од искуството, вие постепено почнувате да создавате цели реченици.
По првичниот допир со англискиот јазик, некои од вас се фрустрираат од неможноста да ги изразат сопствените мисли на англиски јазик.
На вас децата не треба да ви се обрнува внимание кога ќе погрешите, бидејќи секоја исправка може да доведе до демотивација. Грешките може да се дел од процесот на сфаќање на граматичките правила на англискиот јазик или едноставно грешка во изговорот.
Активностите поврзани со изучувањето на англискиот јазик се забавни и интересни, и се концентрирани на концептите што вие веќе ги разбирате на својот мајчин јазик.
Децата што веќе знаат да читаат на мајчиниот јазик главно сакаат да научат да читаат и на англиски јазик. Сепак, доколку не ви се помогне во декодирањето на англискиот текст, може да се случи да ги пренесете веќе за вас познатите техники и на англиски и да почнете да читате со акцент од мајчиниот јазик. Пред да почнете со декодирање на англискиот јазик, треба да ги знаете 26 гласа од абецедата. Многу од вас сами сфаќаат како треба да читаат на англиски, ако сте читале сликовници или сте учеле кратки стихови со возрасните, бидејќи најверојатно сте ја запаметиле содржината. Кога ќе изградите фонд на зборови што ќе може да ги прочитате, вие ќе се чувствувате самоуверено и сте подготвени за поструктуриран пристап.
Вие треба да го почувствувате својот напредок. Постојано треба да бидете охрабрувани, поттикнувани и пофалувани за добрата изведба бидејќи секаков успех носи мотивација. Родителите се наоѓаат во идеална позиција да ве мотивираат и притоа да ви помогнат во процесот на учење, дури и кога самите тие имаат само основно познавање на англискиот јазик и учат заедно со децата. Преку заедничкото учење, родителите не само што го воведуваат англискиот јазик и активностите во семејниот живот, туку можат да имаат и влијание врз ставовите на своите деца спрема учењето на странските јазици.
Драги деца, не плашете се да ја користите вашата имагинација. Не плашете се од грешки. Можеби изгледа дека животот е полн со тестови, прашања, оценки и притисок, но сепак сонувајте! Мислите се раѓаат од соништата! Личноста со големи соништа е помоќна од онаа со сите факти! Колку повеќе читате, толку повеќе работи ќе знаете! Колку повеќе ќе научите, на толку повеќе места ќе одите! Бидете смели да ја користите вашата имагинација! Бидете храбри! Бидете креативни! Бидете љубопитни! Бидете смешни, искрени и поинакви! Вие сте мали ремек-дела! Драги деца, ваша е иднината, Земјата и сè што таа има!
Деца! Учете, инспирирајте, сонувајте, создавајте!
Ние возрасните поддршката што ви ја даваме во текот на вашиот развој е најголемата инвестиција и влог за вашата посигурна и попросперитетна иднина.
Драги деца, на крајот ви посакувам на вашиот животен пат, полека но сигурно, да се стекнете со добро образование и мудрости од кои ова општество ќе биде уште подобро и поубаво место за живеење. Само така вашите родители ќе бидат горди на вас, а покрај нив и ние наставниците.
Автор: м-р Мите Ристов, професор по англиски јазик
912