Борјана Јанакиева-Заева, психолог

Борјана Јанакиева-Заева, психолог

Здружение за развој, едукација и психолошко советување „Круг-про“
Место за развој ,едукација и советување

Повеќе од авторот

Сликата за себе што детето ја формира ќе влијае врз очекувањата од самиот себе, па и понатаму во успешноста на многу активности

Емоционалниот, социјалниот и физичкиот развој во најраната возраст има директно влијание врз понатамошниот развој на детето и во подоцнeжниот период. Затоа е важно најраниот период да не се пропушти како можност која ќе го активира целокупниот детски потенцијал.
Многу е значајно во најраниот период средината да му овозможи на детето позитивни искуства и стимулации. Мозокот тогаш е многу активен, постојано формира нови синапси и природата и квалитетот на формираните врски ќе зависи токму од раното искуство. Тоа значи дека детскиот мозок се развива брзо во текот на првите 5 години, а особено во првите 3 години. За развој на мозокот е потребна стимулација – искуства со кои детето се среќава. И тие стимулации се звуци, слики, допир и движења соодветни за возраста, а понатаму и говор, решавање проблеми и физичка активност.

Возрасните што се грижат за детето треба да му обезбедат соодветна стимулација. Во таа насока велиме дека социјалната интеракција е од суштинско значење, односно релацијата помеѓу детето и возрасните кои се грижат за него е од голема важност за понатамошниот развој на мозокот. Постојано присутната интеракција помеѓу детето и возрасниот е пресудна за формирање цврста основа за подоцнежното учење, здравјето и однесувањето на детето. Да не заборавиме дека начинот на кој возрасните реагираат и го разбираат неговото однесување во раниот период е од големо значење за тоа како ќе се изгради како возрасна личност.
Всушност, детето се спознава себеси низ игра, а односот кон себе го гради најпрво врз основа на родителската реакција кон него – врз основа на коментарите што возрасните му ги упатуваат, врз основа на тоа што родителите мислат за него, кога и како го пофалуваат, кога и зошто го критикуваат.
Сликата за себе што детето ја формира ќе влијае врз очекувањата од самиот себе, па и понатаму во успешноста на многу активности. Бидејќи таа е основа за чувството на сопствената вредност, самопочитувањето, очекување успеси и резултати од активностите што ги презема и понатаму. А, знаеме дека детето почнува да се спознава себеси во првите месеци од животот кога гради доверба во своите родители.

Затоа заедно со добрата исхрана и правилната нега на детето, многу е важно правилно да се стимулира и поттикнува детскиот развој. За целосно да ги развие когнитивните потенцијали, на детето му е потребна можност да истражува и да учи. Многу е важно возрасните да реагираат на интересите и љубопитноста на детето, да му раскажуваат за тоа што го интересира, да му помогнат да ја истражува околината и да го охрабруваат да развива мислење, покажувајќи му нови можности.

Стимулирачка средина е таа во која детето ги има потребната топлина и поддршка. Колку е поквалитетна врската со родителите, толку повеќе ќе има основа за создавање нови искуства и негови контролирани одговори на нив. Стимулирачка средина е таа во која има жива комуникација, интеракција и многу игра, наспроти еднонасочната комуникација што ја добива преку екраните, која не е стимулирачка! Детето уште во најраниот период почнува да учи за светот што го опкружува и тоа вкусува, допира, слуша и мириса. Значи ги впива сите информации преку своите сетила. Затоа е потребно да му се понудат игри што ќе го стимулираат сензо-моторниот развој за понатаму да биде подготвено да учи соодветно на возраста.

Стимулирачка средина е таа во која детето ги има потребната топлина и поддршка. Колку е поквалитетна врската со родителите, толку повеќе ќе има основа за создавање нови искуства и негови контролирани одговори на нив

Затоа треба на детето да му се овозможат сè повеќе активности со природни материјали лисја, вода, песок, камчиња… Да има можност да го истражува опкружувањето, да допира различни текстури, да го опкружуваат пријатни звуци, музика која стимулирачки влијае врз развојот. На детето треба да му се обезбедат услови и игри за развој на движењето и моториката… На тој начин преку квалитетно поминато време со детето низ игра, родителите и другите што се грижат за него ќе бидат во можност будно да го следат неговиот развој и соодветно да реагираат. Сето ова особено ако не е вклучено во некоја групна програма за ран детски развој, ако не оди во градинка, тогаш родителите навистина треба што посоодветно да го поминуваат времето со своето дете.
Доколку родителите и сите што се грижат за детето се посомневаат дека има доцнење во развојот на детето или доколку постојат некои знаци што упатуваат на некаква состојба, многу е важно веднаш да се консултираат со стручни лица (педијатар, и зависно од потребите и дефектолог, психолог, логопед…). Во таа насока и постојано зборуваме за важноста од едукацијата за рано откривање на одредени знаци кои упатуваат на забавеност и тешкотии во развојот, за сите што работат со најмалите деца, како воспитувачките во градинките, здравствените работници и тие што се грижат за децата.

Раната интервенција дава одлични резултати ако веќе постои некое отстапување. Колку порано детето почне со соодветен третман, толку се подобри резултатите. Затоа ги охрабрувам сите родители да не чекаат доколку некое однесување кај детето им прави сомнеж.



912

X