Прилично е лесно да одлучите каде ќе спие вашето бебе кога ќе се вратите дома од болница. Повеќето родители првично избираат да ја делат просторијата затоа што е побезбедно и полесно. Но, во одреден момент можеби ќе сакате да си ја вратите вашата спална соба. Еве како да одредите кога е време за оваа голема промена.
Американската академија за педијатрија не препорачува детето да почне да спие во својата соба веднаш по раѓањето. Академијата тврди дека е најдобро родителите да спијат во иста просторија, но не и во ист кревет со бебето барем во првите шест месеци за да се намали ризикот од синдром на ненадејна смрт на доенчиња, или СИДС. Не само што спиењето во иста соба се смета за побезбеден избор, туку може да биде и поудобно. Имено, педијатрите објаснуваат дека кога бебето е во близина, го олеснува ноќното хранење и заспивањето.
– Споделувањето на собата без споделување на креветот се препорачува за првата година од животот и нема конкретни докази за тоа кога е безбедно да се премести бебето во посебна просторија пред да наполни една година. Сепак, стапките на смртни случаи поврзани со спиењето се највисоки во првите шест месеци, така што спиењето во иста соба во овој чувствителен период е особено важно – советува Американската академија за педијатрија.
Кога е најдобро време детето да почне да спие во својата соба?
Кога е вистинско време детето да почне да спие во својата соба? Имајќи предвид дека секое дете е различно, родителите ќе треба да ги земат предвид нивните потреби, но и потребите на детето пред да одлучат која средина за спиење ќе биде најдобра за нивното дете. Исто така, потребно е да се има предвид дека не сите семејства имаат можност да го преселат детето во неговата соба, најчесто поради недостиг на простор.
Истражувањата покажуваат дека децата спијат подобро ако се сами во собата. Имено, вообичаено е присуството на родители во собата да влијае врз ноќниот сон. Исто така, истражувањата покажуваат дека спиењето во иста соба е поврзано со помалку целокупен ноќен сон и намалена консолидација на спиењето. Вообичаените ноќни звуци од родителите, како што се ‘рчењето, кашлањето и вртењето, може да предизвикаат бебето немирно да спие. Штом ќе се разбуди, на малото дете можеби му е потешко да заспие од возрасната личност.
Ако сакате да го подобрите спиењето и да ги минимизирате предизвиците што можат да се појават при преместување на постаро бебе или мало дете во нова соба, експертите препорачуваат премин помеѓу 6 и 9 месеци. Родителите што сакаат да го преселат детето кога тие мислат дека е правилно, ќе мора да ја донесат таа одлука на индивидуална основа. Имено, некои деца се подготвени на тоа на шест месеци, додека други не се ни кога ќе наполнат две години. Ако целта е да се намали ризикот од СИДС, тогаш идеална возраст за преселување во нова соба е по првиот роденден, советува Американската академија за педијатрија.
912