Се смета дека жените стануваат мајки во моментот кога ќе дознаат дека се бремени и дека тогаш се вклучува нивниот мајчински инстинкт. Меѓутоа, новите мајки не се единствените што поминуваат низ промени.
Изгледа дека многу работи се случуваат и во мозокот на новите татковци, а неколку истражувања открија дека се случуваат значајни невролошки промени кога мажите ќе станат татковци. Покрај тоа, што повеќе се вклучени во грижата и негата на бебето и што повеќе време поминуваат со своето бебе, толку повеќе се изразени тие промени.

Според истражувањата, невролошката активност поврзана за жените и нивниот мајчински инстинкт не е ограничена само на жените и може да биде прекинувач во родителството општо, па така и кај мажите. Меѓутоа, се претпоставува дека ваквите резултати не би биле видливи во минатото кога мажите биле помалку вклучени во одгледувањето на децата.
Што се случува во мозокот на мажот кога ќе стане татко?

1. Нивото на тестостерон се намалува

Докажано е дека мажите поминуваат низ хормонални промени, дека нивото на тестостерон значително се намалува. На тој начин новите татковци можат да бидат повеќе емоционално вклучени и полни со разбирање за своето бебе. Тоа рано зближување помеѓу таткото и бебето ја зацврстува нивната емоционална врска и го менува нивото на хормони во мозокот. Во истражување од 2011 година е откриено дека нивото на тестостерон кај новите татковци паѓа за дури 40 отсто, а тоа е поврзано со зближувањето со бебето.

2. Нивото на окситоцин се зголемува

Окситоцинот или „хормонот на љубовта“ нагло се зголемува по раѓањето на бебето – и кај мајките и кај татковците. Додека кај мајките овој хормон е поттикнат со одредени обврски, како доење и близок физички контакт со бебето, кај татковците хормонот на љубовта се активира преку игра, смеење на бебето или преку грижа за него. А што повеќе се продлабочува врската помеѓу бебето и таткото, толку е поинтензивно нивото на окситоцин.

3. Зголемено производство на пролактин

Кај мајките зголеменото производство на пролактинот е поврзано со производството на млеко, а кај татковците овој хормон се зголемува во интеракцијата со бебето. Само во првиот месец од татковството нивото на пролактин се зголемува за 20 отсто, а колку повеќе се вклучени татковците во животот на своето бебе, толку е поголемо нивото на пролактин. Научниците веруваат дека зголеменото производство на пролактинот се поврзува со создавањето приврзаност, близина и грижа.

И мајките и татковците минуваат низ промени

Овие резултати докажуваат како искуството на родителството и грижата за бебето влијаат на сличен начин и врз мајките и врз татковците. И додека процесите во текот на бременоста и породувањето им помагаат на мајките при развивањето на мајчинскиот инстинкт, кај татковците инстинктот се активира со интеракција и емоционална врска со бебето.



912

X