Седмоодделенката Лара Станчева и нејзиниот ментор Стефан Симовски од ООУ „Лазо Трповски“ ја примија наградата, која лично им ја додели амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори, во рамките на пригодната свеченост која се одржа денеска во ова основно училиште во Карпош.
Станчева го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 што традиционално се одржа во јапонскиот главен град Токио. Притоа, оваа награда е освоена во силна конкуренција, имајќи предвид дека на натпреварот учествуваа 28.217 учесници од 161 земја.
Седмоодделенката Лара од Скопје освои трето место на литературен натпревар во Јапонија
– За својот есеј, Лара Станчева беше инспирирана од зборовите на Мајка Тереза: „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов и почит“. Тоа ме импресионира, а верувам и многу други луѓе од мојата земја. Амбасадата на Јапонија во Скопје промовира културни размени со Македонија, вклучувајќи ги младите. Сигурен сум дека вашиот успех придонесува кон зајакнување на нашето пријателство и нѐ охрабрува да продолжиме со овие активности. Токму затоа се надевам дека ова училиште ќе продолжи да ги мотивира и да ги поттикнува основците на креативност – рече амбасадорот Хиронори.
Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“, покрај наградената Лара Станчева учествуваа и нејзините соученички Тамара Ѓоќеска и Милена Милошевска, за што од амбасадорот Хиронори добија сертификати за учество на овој реномиран меѓународен натпревар.
Извор: МИА
912