Најгенијалниот човек на 20 век, Алберт Ајнштајн, бил познат како лош ученик. Во писмото што му го напишал на својот син, Ајнштајн го советува дека школото и не е најважна работа

Ајнштајн сакал да фантазира и да лута со мислите додека траела наставата, бил занесен, па често ги игнорирал своите школски обврски. Поради тоа, и денес многумина би го нарекле лош ученик. Некои предмети едноставно ги сакал повеќе од другите, па им посветувал поголемо внимание, а некои ги занемарувал.
Кога пораснал и станал родител, го застапувал ставот дека на децата треба да им се даде слобода да откријат што ги интересира. Своите деца, синовите Ханс Алберт и Едвард, ги поттикнувал да развиваат интереси што не се поврзани со училиштето. По разводот од сопругата Милева, Ајнштајн останал во Берлин, а неговите синови живееле со мајка им на релација Виена – Цирих.

Во писмото што во 1915 година му го испратил на тогаш 11-годишниот Ханс Алберт, го советува да продолжи да свири на клавир и да продолжи со дрводелството, кое тој многу го сакал.

За разлика од многумина што не го сфаќаат тоа, Ајнштајн знаел дека не постојат лоши ученици. Тоа е само лошо име за децата и младите што не добиле можност да ги развијат своите специфични интереси, туку се обиделе да се вклопат во постојните наставни програми и пропишани активности.

Во продолжение прочитајте го писмото во кое големиот научник открива како децата можат да научат најмногу.

„Мој драг Алберт,
Вчера го примив твоето писмо и бев многу среќен поради тоа. Се исплашив дека повеќе воопшто нема да ми пишуваш. Кога бев во Цирих, ми кажа дека ти е чудно кога доаѓам таму. Затоа мислам дека ќе биде подобро да се наоѓаме на некое друго место каде што никој нема да ни пречи.
Без оглед на сѐ, ќе те молам секоја година да поминуваме цел месец заедно за да може да видиш дека имаш татко на кој си му мил и кој те сака. Од мене можеш да научиш многу добри работи, нешто што другите луѓе не можат да ти го понудат. Тоа што го постигнав со напорна работа не е само за странци, туку е за вас, мои синови. Овие дена завршив една од најубавите работи во мојот живот и кога ќе бидеш поголем, ќе ти раскажувам за тоа.

Мило ми е што слушам дека уживаш во свирењето на клавир. Според моето мислење, клавирот и дрводелството се најубави работи за момче на твои години, дури подобри и од школото. Тоа се работи што на млада личност како тебе одлично ѝ одговараат.
Свири го тоа што ти се допаѓа, дури и ако професорите не ти даваат да го вежбаш тоа. Најмногу ќе научиш ако уживаш во тоа што го работиш до таа мера што нема ни да забележиш како поминало времето. Јас понекогаш толку сум преокупиран со работата, што заборавам да ручам.
Бакнеж за тебе и за брат ти,

Тато.
Поздрав и за мама“.



912

X