Воспитување

Меѓугенерациски игротеки во Австралија – децата си играат со жителите на старски домови

Домовите за стари лица и институциите за помош на стари и изнемоштени лица се составен дел од животот на многу луѓе. Во некои култури од децата се очекува да се грижат за своите родители во рамките на нивното домаќинство, но овој принцип не е секогаш изводлив, додека во некои не е пожелна опција.

Некои постари луѓе сакаат да одржат што е можно поголема независност, а овие институции можат да им помогнат да се чувствуваат помалку осамени и да одржат здраво ниво на активност. Сепак, дури и со организирани активности и дружење со други штитеници, некои постари луѓе може да се чувствуваат малку осамени и недоволно поврзани со своите сакани.

Ова послужило како инспирација за Чандани Рамасундара, роден во Шри Ланка, кој емигрирал во Австралија пред 10 години. Имено, Чандани дошол до идеја за меѓугенерациски игротеки. Тој изјавил за „Еј-би-си Австралија“:

– Луѓето овде навистина го претпочитаат својот независен живот, додека во Шри Ланка пораснавме во семејна средина со повеќе генерации, па мислев дека овие меѓугенерациски игротеки би биле одлична идеја за да се олесни нивната изолација преку организирање собири, интеракција и играње заедно.

Секој понеделник родителите ги носат децата да си играат со штитениците

Бебињата и малите деца имаат посебна врска со постарите луѓе. Една од мајките рекла дека го носи своето дете да си игра со штитениците од домот бидејќи нема семејство во близина. Чандани се надева дека игротеката ќе им помогне на децата да научат да ги почитуваат постарите лица.

„Оваа програма е прекрасен начин да им се даде на постарите луѓе нешто поради кое ќе се радуваат“, пишува „Апворти“. Чандани потврдил дека еден од штитениците, кој ретко излегувал од својата соба, никогаш не пропуштал да си игра со децата во понеделниците. Чандани верува дека ова служи како добар пример и се надева дека примената на меѓугенерациските игротеки ќе се прошири надвор од нивната заедница.

Извор

Поврзани написи

To top